20.01.2020

Ненад Труниќ е секогаш драго виден гост во Скопје

НЕНАД ТРУНИЌ БЕШЕ ГОСТИН-ПРЕДАВАЧ НА ТРЕНЕРСКАТА КЛИНИКА: Ги поставивме темелите и го подигнавме првиот „спрат“, одиме понатаму со „изградбата“...

Овој викенд „докторот по кошарка“од Крагуевац, сподели уште четири тренерски теми со нашиот тренерски кадар. Но како што вели, тука едукацијата не застанува, напротив...

„Постои некој договор со претседателот на Здружението на кошаркарските тренери, г. Драган Василов како да продолжиме понатаму. Да направиме некој континуитет на предавања, кои ќе се надополнуваат едни на други. Значи летоска, прво работевме една програма која е поврзана со некои базични работи поврзани во осум предавања. Сега дополнуваме со уште четири работи, исто така битни за развојот, каде вклучуваме работи кои се пред се на младите категории на кошаркари, но кои имаат примена и кај сениорите.

А на третиот семинар, ако го има, се разбира, одиме понатаму. Со некои други работи. Како што обично се вели, ‘куќата се прави од темелите’. Сега ги поставивме  темелите и првиот кат од куќата. На следните ќе го прваиме вториот,а  до кој спрат ќе одиме, ќе видиме“- посочи човекот кому не му беше тешко и овој викенд да ги сподели своите огромни познавања од кошаркарската игра со тренерите во нашата земја собрани на задолжителниот тренерски семинар реализиран во малата сала на А1 Арената „Борис Трајковски“  во Скопје.

 

Собир конципиран така што едукацијата беше поставена во, односно кон онаа тренерска работа со помладите возрасни категории.

А Ненад Труниќ се потруди да ги „постави границите“ помеѓу оние неколку возрасни категории на кошаркар(к)и.

„Што се однесува за возраста како што ние знаеме да кажеме, до 12 години, децата треба да си играат кошарка. Тие треба да ги учат оние кошаркарски вештини, преку игра, низ забава, секако и ние како тренери да им даваме одредени задачи. Пред се да ги анимираме да играат кошарка, и низ тие организирани тренинзи да ги учиме некои основни работи. Како да се движат без топка, што да прават, да ја учат основната техника. Односно основните фундаменти на кошарката“.

После периодот од 12 години, почнува онаа сериозна кошарка?

„Да, тоа е просторот каде ние треба да работиме на развивање на оние моторички способности за таа возраст. Значи на почетокот кога децата ќе тргнат да работат, мораме да работиме на брзината, мораме да работиме на координацијата. Мораме да работиме на анаеробната издржливст. Пред се затоа што тоа се оние три основни работи, способности кои се развиваат во тој период. И ако се прескокнат тоа е веќе проблем“.

Во онаа следната, упорноста треба да е глвна одлика на тренерите кои работат со овие возрасни категории.

„Токму така, на возраст од 14. години имаме проблеми со координацијата, затоа што децата многу раснат, особено девојчињата. Но и момчињата. Проблеми се јавуваат со колената, проблеми се јавуваат што нема координација. Но оние тренери кои се школувани, мораат да знаат да продолжат да работат на поправање на координацијата. Да бидат упорни и да очекуваат резултати кога тие деца ќе пораснат, ќе бидат ‘постари’, односно кога ќе престанат со оној физички раст. Во тој период се работат оние основни работи кои се поврзани за онаа тимска игра. Секако, контранапад, веќе од порана возраст, движење без топка, основни вештини на шутот“.

Без шутот, како што појаснува професорот Труниќ, нема ништо од сериозно играње на кошарка.

„Од првиот ден, шутот е првиот технички елемент кој мора да се усовршува, да се работи на него. Значи тоа е поврзано и со онаа друга возрасна категорија. Ако не работиме шут, децата секако ќе ја земат топката и ќе шутираат. Ако не ги учиме од почетокот како што треба, ќе ги научиме тоа да го прават наопаку, погрешно...И да, ќе имаат голем проблем подоцна сето тоа да го поправаат. Оваа возраст, на играчи до 14 години од психолошка гледна точка е многу битен. Затоа што тогаш децата полека почнуваат да се одвојуваат од семејството. И почнуваат да создаваат посилни кошаркарски пријателства во својот тим. И тоа е одлично време за создавање на оној тимски дух.

Значи, почнуваат да се идентификуваат со клубот, за Вардар, за МЗТ, за Работнички, за Партизан... И со самото тоа почнуваат и самите повеќе да бидат посветени на тоа. Во тој период на траење мораме да очекуваме и некои малку поинтензивни реакции, поради пубертетот. Но мораме тоа да го разбереме, но не да го толерираме. Да го разбираме тоа како природно, и да се обидуваме низ разговор, некој адекватен пристап на казнувања и наградувања. Да развиеме некои нормални личности“.

Сето ова треба да е своевиден увод пред влезот во она што се вика сениорска кошарка.

„Возраста до 16 години, веќе потоа, тоа е практично подготовка за она што се вика сениорска кошарка. Значи на таа возраст веќе почнуваат да се играат и меѓународни натпревари. Се игра сето она што се игра и во сениорската кошарка. Единствената разлика во тренингот е што ја нема таа количина на тренинг која ја има кај сениорите. И што не се работи онаа апсолутна снага, како способност да се работи со максимални тежини, затоа што тоа не е време за тие работи, и затоа што децата сеуште не се развиле. Мускулите, коските, органите се сеуште недоволно развиени на тој начин за да можат да го поднесат тој тренинг. А и децата сеуште немаат време за тоа, затоа што нели, одат на училиште. Но сериозните таленти, како и сериозните кошаркарски програми веќе во тој период, за возраст ‘Под 16’, подразбираат осум тренинзи неделно. Значи секој ден по еден тренинг со екипата, плус два-три тренинга, како индивидуални, така и за сила, и најталентираните деца се вклучуваат  во тие групи, да играат со нив“.

Апсолутната сила е границата помеѓу овие две возрасни категории на играчи, смета Труниќ...

„Што се однесува за и околу јуниорите, односно селекциите ‘Под 18’ години, тие работат апсолутно исто како и сениорите. Уште еднаш, единствената работа која не се работи е апсолутната снага. Значи ставање на максимални тежини. Но со товарот може да се почне со работа и со селекциите ‘Под 14’. Само што тоа, прво се вежби со сопственото тело , па потоа со мали тегови, со метални шипки. Секако со цел како би ја научиле техниката на подигнување на тегови, а која веќе со селекциите ‘Под 16’ треба да почне да се работи сериозно. Секако се средни и мали тежини, никако со максимални. Но технички, што се однесува до вежбите, сите тие работи треба да се работат исто“.

Но, со една забелешка, дека токму момчињата односно девојчињата кои наполниле 16.години, треба да бидат подготвени за она што се нарекува излегување од границите на матичната држава

„Секако, што се однесува до У16, кога зборуваме за некој кошаркарски сојуз-федерација, тогаш треба да се прави една селекција која треба да биде малку ‘поостра’. Од причина што имаме меѓународни критериуми, и затоа што децата треба да се натпреваруваат на меѓународна сцена. Прво  Европско првенство е токму тоа, за таа генерација на играчи ‘Под 16’ години. Но и поради тоа што најталентираните деца од тие генерации во наредните неколку години треба да заиграат за сениорската репрезентација. За жал, на просторите на поранешна Југославија гледаме дека тоа го нема“.

Прерано излегување на децата надвор од границите од матичната држава односно федерација, како се поголем проблем во нашето кошаркарско опкружување?

“Да, тоа е проблем, но не мислам дека е некоја погрешна работа, затоа што станува збор за, пред се, добри играчи со голем потенцијал. Секако, прво не е добро за развојот на децата. Под услов да имаат нормални семејства. Но за жал ги има доста кои немаат такви семејства. Од една страна, заминувањето во некој нов свет и одредени градови е добар од некое психолошко созревање на децата. Оние кои се подготвени за тоа, без никакви проблеми можат да го поднесат тоа.

Меѓутоа од друга страна, имаме проблем со неадекватен тренинг кој децата го имаат во некои други земји кои ги одбрале. Секако, тука го земам за примерот во мојата матична федерација, во Србија. Знам како оди ситуацијата со тие возрасни категории.

На пример, кога јас бев селектор на У16, од списокот на 24. кошаркари кои беа пријавени, во 2015 година, дури 14 од нив веќе играа во странство. Значи ние како сојуз-федерација, сеедно, апсолутно не можеме да ги контролираме нивниот развој. Затоа што немаме доволен увид во нивната форма или напредок. Да,  јас правам контролни тренинзи, но некои од нив не можат да дојдат, од проста причина што играат за Барселона, во Милано, и не знам каде веќе, и да дојдат на два дена во Србија. Да, тоа е веќе проблем“.

Труниќ ги кажува и основните постулати за успех во кариерата на младите кошаркари.

„За децата да се развијат како играчи, во сите средини, дали е тоа Македонија, Србија, Италија или Литванија, мора да има две работи, Мора да има квалитетен тренинг, и мора да има минути на теренот. Покрај тоа, она, што според мене, е поголем проблем во тоа заминување од што е тренингот, кој да, може да биде добар и во другите земји, нели никој не е најдбар, е проблемот што на децата главна работа во животот му станува менаџерот, а не тренерот. И тука станува главниот проблем. Затоа што децата се фокусираат на некои други работи, а не на својот развој. И тогаш гледаат кога тој ќе заврши работа за нив, кога ќе потпишат договор со родителите. Што ги тргнува од кошарката и тоа, нормално, не е добра работа“- вели Труниќ на оваа се поактуелна тема за дискусија.