29.05.2017

Неврије Јилмаз и Милош Паѓен доаѓаат во Скопје заедно со Марина Маљковиќ

Легендарната Марина Маљковиќ која изминатите шест години ги помина на кормилото на српската репрезентација во женска конкуренција претстојниот викенд ќе биде гостин на Македонската кошаркарска федерација и заедно со нашиот национален тим во женска конкуренција ќе покаже како изгледа еден нејзин вообичаен тренинг. Но, Маљковиќ нема да биде сама – со себе ја зема и Неврије Јилмаз!

Соработката помеѓу овие две трофејни жени започна во Галатасарај каде Јилмаз ја заврши професионалната кариера ланската сезона, а Маљковиќ ја врши улогата на тренер на женската екипа.

Зборот ’анонимус’ никако не може да се поистоветува со Неврије Јилмаз кога станува збор за нејзината кошаркарска кариера. Професионалната кариера ја започна во далечната 1997 година, а две години подоцна се закити со првиот трофеј во својата богата колекција – тој од домашното првенство во Турција кој го освои со Галатасарај. До крајот на кариерата освои вкупно десет трофеи од тамошното првенство и четирипати го подигна трофејот од државниот Куп. Кога станува збор за националната селекција на Турција, во својата колекција Јилмаз има еден сребрен медал од Европското првенство што во 2011 година се одржа во Полска, а во Франција, две години подоцна се закити со бронза.

Феноменалната кошаркарка се запиша и во историјата на кошарката на Турција како прва жена која настапувала во WNBA. Кариерата Јилмаз ќе ја продолжи во Галатасарај, но со друга улога – како дел од стручниот штаб.

Покрај Неврије Јилмаз, заедно со Марина Маљковиќ во Скопје ќе пристигне и нејзината десна рака кога станува збор за стручен штаб – Милош Паѓен!

Плодната соработка помеѓу Милош и Марина датира уште од 2012 година кога тие го издигнуваат Партизан на шампионско ниво како во тамошното првенство, така и во регионалната лига. Сезоната 2012/2013 ја завршуваат со три трофеи – тој од домашното првенство, регионалната лига како и од државниот Куп. Довербата на Марина во Паѓен резултира со повик во стручниот штаб на сениорската репрезентација во женска конкуренција. Но нивната соработка не запира тука. Таа го презема кормилото на француски Лион во 2013 година, а во втората сезона на оваа функција, Марина повторно го повикува Паѓен да биде дел од стручниот штаб. Заедно поминуваат уште две сезони, за да потоа се впуштат во нов заеднички предизвик – Галатасарај.