Никола Василев, во моментов асистент-тренер во машката сениорска репрезентација на Македонија, останува во Литванија.
Сега на првата тренерска позиција во екипата на Џукија, член на најквалитетната „Бетсејф ЛКЛ“ лига.
Триесет и шест годишниот стратег и во изминатата сезона беше дел од тимот на Алитус, но сега ќе ја добие главната тренерска функција на која досега беше едно големо име на литванската кошарка – Валдемарас Хомичус.
Василев е во Литванија уште од 2015 година и добро е запознат со случувањата во една од најкошаркарските земји во светот.
Две сезони помина како помошен тренер во екипата на Литвос Ритас. По Вилнус, патот го одведе кон Алитус, каде прво му помагаше на Словенецот Андреј Урлеп, а потоа му асистираше и на Хомичус.
Сега Василев добива уште поголем простор да го искаже сиот свој тренерски потенцијал. Нема да има лесна задача ако се земе предвид дека во ланскиот шампионат, Џукија заврши со само шест победи во 24 одиграни кола од литванскиот шампионат.