Двете победи од (61:53) и (66:54) против јуниорите на Србија треба да се показател за нашиот стручен штаб предводен од селекторот Никола Василев какви треба да бидеме и на оние официјални мечеви кои од 3. до 8. август нè чекаат на ФИБА „Челенџер“ турнирот во Скопје.
„Ова беше нашиот последен тест пред почетокот на турнирот во Скопје, на кој увидовме некои наши недостатоци и предности. Во дефанзивниот дел одигравме прилично коректно, но во офанзивниот треба да поправиме неколку работи. Сите играчи го даваа максимумот, но секако дека секогаш има простор за напредок и за подобра игра. Ни остануваат уште неколку дена од подготовките во Скопје, каде ќе ги имаме завршните корекции во играта пред турнирот“- констатира Василев.
Околу конечниот избор на 12. кошаркари кои ќе играат на „Челенџерот“ во Скопје, предводникот на селекцијата „Под 18“ години, вели дека е отворен се до оние задолжителни тестирања за заштита од Ковид-19 кои ги налага ФИБА.
„Ќе биде познат по утрешното тестирање од Ковид-19, односно вечерниот тренинг. Не сакам ништо да објавувам однапред. Поточно, ако треба, а би сакале да не биде така, имаме и резервни планови поврзани со конечниот список на играчи кои ќе настапат на турнирот“- дополнува селекторот на јуниорите.