Младинската репрезентација на Македонија се пласираше во четвртфиналето на Европското Првенство – Б дивизија што се одржува во Грузија.
Во мечот на одлука во групата „Б“, славеше токму против домашната селекција (76:73), за скор од три победи и еден пораз, доволно за место во најдобрите осум на шампионатот во Тбилиси.
Доволно за големо задоволство во нашиот стручен штаб предводен од селекторот Никола Василев.
„По оној пораз од Шведска си ја искомпликувавме ситуацијата и моравме да тргнеме по потешкиот пат. Исклучително е тешко да се игра против Грузија меч ‘да се биде или не’. Уште повеќе на гостински терен во оваа земја, и токму затоа овој триумф ме прави уште погорд. И мене и сите кои сме дел од репрезентацијата. Лошо почнавме, но знаев дека можеме да се вратиме. Немаше некој посебен совет до кошаркарите при минус 14, едноставно е – ние сме Македонија, никогаш не се предаваме и играме исто и кога водиме и кога губиме со 10 или повеќе разлика“ - вели селекторот Василев.
Следен предизвик, утре попладне (12.30 часот), е Естонија, селекција што со максимални четири победи го освои првото место во својата група.
„Говориме за исклучително квалитетна селекција. Добро покриена на сите позиции, која во своите редови има кошаркар од НЦАА лигата. Но и играчи кои играат во првата лига на оваа земја. Инсистираат на брза игра, прецизни се со шутевите од далечина. Исто така се и физички високи, и не може да се каже дека имаат некоја слаба точка во играта. Ги почитуваме, но сигурно не се плашиме од нив. Ќе сториме се за да одиграме добар меч. Како што веќе кажав, наша цел е да ја играме сопствената игра, без разлика на противникот“ - порачува Василев од Тбилиси.