03.08.2021

„Ќе дадеме сè од себе за добар резултат“ – порачува селекторот на репрезентацијата „Под 18“ години

Никола Василев пред стартот на „Челенџерот“: „Наша цел е да се прикажеме во добро светло“

Времето за тренинзи и за подготовка заврши. Од денеска, па се до крајот на оваа седмица, следува главниот дел за нашата машка селекција „Под 18“ години, ФИБА „Челенџерот“ во Скопје.

И групата „А“ во која нè чекаат противници, од самиот врв на европската и светската кошарка, како Србија, Шпанија, Хрватска, плус Германија и Грузија.

Кои се очекувањата на предводникот на оваа наша репрезентативна селекција Никола Василев, во пресрет на почетокот на „Челенџерот“ во Скопје?

„Очекувањата се да се прикажеме во добро светло. Тоа не е алиби туку тоа е цел која сакаме да ја оствариме. Нормално трениравме и се подготвувавме за овие натпревари на кои сакаме да оствариме позитивен резултат. И за тоа ќе дадеме сè од себе“- вели Василев.

Селекторот на јуниорската репрезентација смета дека поважно од самиот резултат на собирот во Скопје е „подготовката“ на овие млади играчи за сениорско ниво на кошарка.

„Но поважно од некој резултатски императив е да ги подготвиме овие млади играчи за во иднина да бидат лидери во сениорска кошарка. Овие генерации имаат талент, во оваа селекција има материјал, но потребно е и продолжување на добрата работа со нив“.

Околу противниците на овој турнир, Василев дава само една констатација.

„Ќе играме против репрезентации како Хрватска, Србија и Шпанија кои секогаш спаѓаат во ТОП 5 репрезентациите во светот, и сметам дека овој турнир ќе биде огромно искуство за сите нас“.

Согласно со распоредот, нашата јуниорска машка селекција сите натпревари на собирот во Скопје ќе ги игра со почеток од 21.часот.

Во првото коло од натпреварите од групата „А“ од „Челенџерот“, на 3. август, нашите јуниори ќе ги одмерат силите со репрезентацијата на Хрватска. Наредниот ден ги чека дуел со репрезентацијата на Грузија, а потоа, на 5. август, и со топ-фаворитот – Шпанија.

По еден ден пауза, на 7. август ќе играме со Србија, а турнирот ќе го затвориме со мечот против Германија, закажан за 8. август.

На списокот се најдоа имињата на 12. кошаркари кои ќе играат турнирот кој ќе се реализира во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.

МАКЕДОНИЈА НА „ЧЕЛЕНЏЕРОТ“ У-18 ВО СКОПЈЕ

6 Марин Петков

7 Резарт Мемед

8 Димитар Иванов

9 Теон Богатиновски

10 Филип Наков

11 Андреј Митревски

12 Амар Хот

13 Мирослав Ѓорѓевиќ

14 Тома Стојановски

15 Горазд Величковски

16 Павел Атанасов

17 Никола Василевски

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

3. АВГУСТ - 21.00: Македонија – Хрватска

4. АВГУСТ - 21.00: Македонија – Грузија

5.АВГУСТ - 21.00: Македонија – Шпанија

6. АВГУСТ – СЛОБОДЕН ДЕН

7.АВГУСТ – 21.00: Македонија – Србија

8. АВГУСТ – 21.00: Македонија – Германија