Важи за најмладиот во генерацијата на играчи родени 2003 година кои беа дел од кадетскиот Евробаскет лани во Удине. Паралелно со тоа, навистина поголем дел до натпреварите на шампионатот ги помина на клупата за резерви.
Ја чекаше младиот кошаркар на МЗТ Скопје Уни Банка својата шанса да одигра некоја минута повеќе на турнирот во Италија. Доби само две, но тоа го натера на уште поголема работа.
По крајот на репрезентативните, продолжи со оние клупските, со вториот тим на МЗТ Скопје.
И таму Никола ја чекаше својата шанса. И пред да се случи прекинот во оваа сезона, ја доби.
Одигра неколку сениорски минути, ја дочека и својата прва сениорска, прволигашка тројка, со првиот тим на МЗТ Скопје Аеродром. За него сосема доволно. Да биде задoволен, но и да не се задоволи само со тоа.
Можеби, ако ситуацијата во кошаркарскиот свет се смири, веќе од есен да го почне да го реализира својот нов предизвик во кошарката. Да заигра кошарка на американскиот континент, како ученик во едно средно училиште во Њу Џерси.
Дотогаш мора да им се повинува на „законите“ кои беа предизвикани од пандемијата на короновирусот.
„Пандемијата, нè измести сите од оние дневни рутини. Но, сепак се снаоѓам во моментот како умеам. Секое утро трчам на кеј, веднаш после тоа шутирам на кошевите во блискиот парк. Импровизирам во домашни услови, теретана, а попладне работам на подобрување на сопствената техника“- појаснува младиот кошаркар, со видно променета играчка конституција (со десетина сантиметри повеќе во однос на некои претходни мерења).
Во оваа сезона за прв пат во кариерата почувствува како е да се игра сениорска кошарка?
„Уф, чувството беше прекрасно. Да играш со величини од мак-баскетот како Дамјан Стојановски, со Андреј Магдевски, Кико Николов, Бојан Крстевски и Андреј Маслинко е несекојдневно. Тројката која ја постигнав како најмлад играч во историјата на клубот, беше како шлаг на тортата. Голема благодарност до МЗТ и до тренерот Ѓорѓи Кочов“.
Како си задоволeн од оваа сезона, прекината поради „виша сила“?
„Прекрасно чувство е да играш повторно кај тренерот што ми ги всади основите на кошарката, Дарко Димитријевиќ. Задоволен од сезоната, максимално задоволен од ефектот, не можам да се пожалам“.
Поради пандемијата нема да го играте планираното ЕП за играчи „Под 18“ години?
„Самото неиграње на ЕП е штета за сите нас. Но ние сме млади, со доста време пред себе, потребно за следни големи натпреварувања кои нè чекаат“.
Како понатаму, кои се твоите идни планови откако ќе се нормализира ситуацијата?
„Оваа пролет добив целосна стипендија за продолжување на образовната и кошаркарската кариера во приватното средно училиште Сент Џое во Њу Џерси. Се надевам на отварање на границите, со самото тоа и аеродромите, на светско ниво, како би заминал во Америка. Ако тоа не се случи, КК МЗТ Аеродром е мојот дом“- ја кажува својата желба Василевски.