29.11.2019

НОВ ПРОЕКТ НА КФСМ – МИНИ БАСКЕТ ТУРНИРИ ЗА НАЈМАЛИТЕ ВОЗРАСНИ КАТЕГОРИИ: Победата не е главна цел – претставува голем мотив за занимавање со кошарка!

Од наредниот месец, поточно од 14. декември, КФСМ ќе стартува еден нов проект кој е дел од планираните активности.

 

Ќе стартуваат мини-баскет турнирите, наменети за децата во најмалата возрасна категорија, за момчиња односно девојчиња, кои не се опфатени со оној лигашки сегмент од младинските лиги на федерацијата.

Координаторот за младинска кошарка при нашата федерација, Мирко Ивановски, говори за и околу реализацијата на проектот „мини-баскет лиги на КФСМ“.

Која е целта на организирањето на овие мини-баскет турнири?

„За првпат во Македонија организираме турнири, првенство, кај деца под 12 годишна возраст, односно деца родени 2010 и 2011 година. И тоа преку запознавање со основите на кошаркарската игра. Тоа е пред се, забава, учење на основите на кошарката, физичка активност, специфични кошаркарски вештини преку игра.

Што се однесува за и околу учењето на основите на кошарката, во прв ред, преку организирањето на овие турнири децата ги учат и надградуваат своите моторички способности (координација, баланс, контрола), односно правилно држење и движење на телото и на топката, секако дриблинг и шут.

Единствена можност на момчињата и девојчињата на еден вистински начин да се запознаат со кошарката, со што се создаваат предуслови за нивно долгорочно занимавање со спортот, во овој случај кошарката.

Мини баскетот е поставен на здрави, образовни принципи кои обезбедуваат физички- интелектуален, емотивен и социјален развој на децата. Дава можност на децата да го почувствуваат возбудувањето и убавината на натпреварувањето прилагодено за нивната возраст“- потенцира Ивановски.

Има различни видови на мини баскет, односно поделбата според ФИБА, која со себе носи и некои возрасни ограничувања?

„Точно, поделбата е направена по возрасни категории, согласно со Правилата на ФИБА, на возраст од 5-7 години, потоа од  8-9 и во периодот од 10 до 12 години. Со оглед на тоа дека нашата федерација веќе организира лига за играчи под 12 години, одлучивме овие мини баскет лиги да ги реализираме за млади кошаркари на возраст од десет и помал број на години“.

Колку екипи ќе бидат вклучени во премиерното издание на мини баскет лигите?

„Со оглед на тоа дека во овој момент пријавувањето на заинтересираните екипи е во тек, односно се уште трае, списокот на пријавени не е затворен. За точната бројка на пријавени можеме да говориме во текот на наредната седмица, по завршувањето на натпреварите предвидени за овој претстоен викенд. Списокот на досега пријавените екипи вели дека постои и голем интерес на клубовите од внатрешноста на земјата. Не постои ограничување на бројот на екипи кои ќе се пријават на првиот турнир, еден од планираните четири кои ќе бидат и во други градови. Откако ќе го реализираме овој турнир во Скопје, предвиден за 14. декември, ќе имаме уште подетална слика, а се надевам и уште поголем интерес, кај оние кои не се препознаа со почетокот на овој проект на федерацијата.

Ивановски вели дека овој проект на КФСМ го препознаа и одговорните луѓе во ФИБА задолжени за овие возрасни категории.

„Од страна на ФИБА сме поканети да бидеме дел од европската мини-баскет конвенција која од 3. до 5. април наредната година ќе се одржи во шпанскиот Кадиз. Се надеваме и на максимално успешна комуникација со овој ФИБА оддел.

Впрочем, со оглед на тоа дека имаме дефицит на талентирани млади кошаркари, ова ќе биде првиот наш проект да ги поттикнеме, да ги ‘внесеме’ во кошаркарскиот спорт, што е и нашата основна идеја по која се раководевме со планирањето на овој проект. Победата не е главна цел, иако претставува голем мотив за занимавање со спортот, акцентот е ставен на потикнување на детскиот талент, и подигнување на индивидуалните квалитети на секој поединец. Исто така потикнува пријателство, уживања, фер-плеј, почитување спрема другите инволвирани во спортот. Тоа е нашата цел“- заклучува координаторот за млади категории при КФСМ.