01.06.2025

Генералниот секретар на Македонската кошаркарска федерација, Томче Стојчевски ги изнесува заклучоците по состанокот во Рига

„NСАА и NIL - сериозна тема за дискусија“

Годишниот состанок на генералните секретари се одржа како дел од настаните организирани во соработка со Генералното собрание на ФИБА Европа во Рига.

Форматот, воведен минатата година, служи како платформа за споделување знаење и зајакнување на врските меѓу европските национални федерации.

На состанокот, коj се одржа во латвиската престолнина, присуствуваа претставници од 42. од 50. европски национални федерации.

Меѓу нив, премиерно, и генералниот секретар на нашата федерација, Томче Стојчевски.

„Покрај другите презентации од канцеларијата на ФИБА Европа, оваа година, состанокот опфати точки од агендата што се однесуваа на голем број клучни теми, вклучувајќи ги NCAA и NIL. Посебен акцент беше ставен на оваа проблематика, и како ние како федерации, членки на ФИБА, треба да се справиме со тие предизвици, како да ги заштитиме клубовите, националните селекции а и самите играчи кои се одлучуваат да заминат во NСАА. Следна интересна тема беше и како вештачката интелигенција  може да го унапреди и убрза работењето на спортската администрација, се со цел да се заштеди време, а и да се добие поквалитетен финален производ“ - гласат оние првични впечатоци на првиот оперативец на нашата федерација по завршувањето на состаноците во Рига.

На овој собир биле отворени и други теми за дискусија...

„Покрај тоа стана збор и за воведувањето на програмата ‘Hoops 4 Schools’ и ажурирања за други иницијативи на ФИБА како ФИБА Плус програмата која нуди поддршка на федерациите од аспект на стратегиски планови, брендинг, маркетинг кампањи итн. Доста корисни теми за дискусија кои следуваат во наредниот период“- дополнува Стојчевски по посетата на главниот град на Летонија. 

Состанокот го водеше извршниот директор на ФИБА Европа, Камил Новак, а присуствуваа и генералниот секретар на ФИБА, Андреас Заглис. Претседателот на ФИБА, шеикот Сауд Али Ал Тани, и претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса.

„Овие состаноци веќе се етаблираа како прагматична рамка што го олеснува споделувањето на нови иницијативи, увиди и најдобри практики, а воедно обезбедува и ‘база’ за решавање на важни теми. Ова е клучно и за нас, бидејќи нè обединува и го движи колективниот напредок кон заеднички цели“- смета генералниот секретар на нашата федерација.

Следниот состанок на генералните секретари на европската зона на ФИБА ќе се одржи во главниот град на Исланд, Рејкјавик, во текот на 2026 година.