12.11.2024

Новиот селектор на Литванија, Римас Куртинаитис, го одбра првиот тим за дуелот на 21. ноември во Скопје

Објавен е составот на литванската репрезентација за натпреварите со Македонија

Новиот селектор на репрезентацијата на Литванија, Риманс Куртинаитис го објави списокот на кошаркари на кои ќе смета за претстојниот натпревар од  квалификациите за Евробаскетот 2025 против репрезентацијата на Македонија, кој е закажан за 21. ноември во Скопје.

На листата се наоѓаат имињата на 12. играчи, во кој две третини, како што објаснува Куртинаитис, се од домапнито шампионат.

Поточно, осум кошаркари кои оваа сезона настапуваат во литванските клубови ќе играат во репрезентацијата, додека останатите четири доаѓаат од „странски екипи“.

Куртинаитис избра петмина кошаркари од шампионот на ЛКЛ лигата, Вилнус: Маргирис Норматас, Мартинас Палиукенас, Гитис Раџевичиус, Гитис Масиулис и Чуолас Тубелис.

Освен нив во националниот тим се повикани и Лукас Лекавичиус од Жалгирис, и Криступас Жемаитис од Вулвс Винус и Лауринас Белиаускас од Јувентус Утена.

Двајца играчи, Освалдас Олисевичиус и Еимантас Бенџиус, доаѓаат од италијански клубови, Мартинас Еходас од Турција и Миндаугас Кузминскас од Грција.

„Ги одбравме оние кои се во најдобра атлетска форма и можат да дојдат. Мислам дека овој ‘прозорец’ ќе биде повеќе за играчите и нивната борба и пожртвуваност за тимот отколку за тактиката, бидејќи има многу малку време за подготовка.

Го повикавме Артурас Гудаитис, кој сакаше да игра во репрезентацијата, но на крајот го спречи повредата, и се надевам дека во иднина сигурно ќе игра во репрезентацијата.

Еходас и Бенџиус покажуваат многу добра форма во клубовите, а на позицијата ‘пет’ го гледаме Масиулис, кој ќе ни овозможи да бидеме помобилни и поактивно да се браниме. Ги повикавме Маргирис, Раџевичиус и Белиаускас, кои ќе ни овозможат да изградиме добар одбранбен тим, а Жемаитис е еден од водечките офанзивни играчи во Литванија.

Во репрезентацијата доаѓа и Лекавичиус кој навистина ќе ни биде потребен. Во моментов добива се помала минутажа во Жалгирис во Евролигата, па мислам дека играњето во репрезентацијата ќе биде обострана придобивка. Ќе добие меѓународна кошаркарска минутажа, а ние ќе имаме одличен играч“ - го коментира својот избор за дуелот со Македонија, селекторот Куртинаитис, кој додаде дека обезбедил и други играчи кои можат да се приклучат на националниот тим, во случај на непредвидени околности, повреди или слично.

Инаку, Литванците се собираат на тренинг на 18. ноември, на кампот во Вилнус.