Одигравме два натпревара на кои не успеавме во целост да го демонстрираме нашиот квалитет. Пораз во рамки на првиот натпревар од претквалификациите за СП 2019 на гости во Приштина против Косово (72-68), а потоа го запишавме и вториот пораз, три дена подоцна од Естонија - прв на домашен терен (76-80). Седум дена имаа пулените на Давитков за консолидирање на силите и формирање на нова тактика и стратегија со која ќе се влезе во третиот натпревар, втор на домашен терен.
Натпреварот против Косово пред три дена ни ја донесе првата победа. Избраниците на Давитков славеа со 87-74 со што се вратија во трката за пласман во квалификациите за Светското првенство 2019. Подигнатата самодоверба треба да биде комплетирана и со стабилни мисли што ќе резултираат со одлична игра на паркетот во Талин.
Нашите најдобри репрезентативци вчера наутро отпатуваа за Талин каде денес од 17 часот и 30 минути ќе имаат прилика да стават крај на сите дилеми околу пласманот во квалификациите за СП2019.
Во нашиот последен натпревар, селекторот Јорданчо Давитков ќе ги има на располагање сите играчи кои настапија и на претходниот натпревар.
Натпреварот ќе може да се проследи во живо на првиот програмски сервис на националната телевизија (МРТ).