23.07.2020

Натпреварите во АБА конкуренцијата нема да почнат на средината од месец септември...

Одложен почетокот на АБА лигата, МЗТ Скопје Аеродром и Работнички ќе (по) чекаат на календарот

Најавено-направено...

Почетокот на АБА лигата, соглсно со тоа и на АБА 2 натпреварувањето, е поместен за почетокот на октомври, одлучено е на Собранието на регионалната лига.

Со оглед на тоа дека веќе е најавено дека наместо во деветтиот, лигата може да „заживее“ во десеттиот месец од оваа година, одлуката мораше да биде потврдена на највисокиот собир на АБА-лигашите.

Првобитно, новата сезона во Лигите на Јадранот требае да почне на 19.септември, но сега љубителите на кошарката, и секако, сите клубови вклучени во системот на натпреварување ќе мора да (по) чекаат најмалку две седмици.

Причината за одложувањето е лошата епидемиолошка ситуација со корона вирусот, и порастот на заразени луѓе во сите држави од каде доаѓаат клубовите од АБА натпреварувањата.

Исто така, не е познат ниту распоредот на натпреварите во двете конкуренции, па согласно со тоа нашите претставници во АБА 2 лигата, екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Работнички, ќе мора да почекаат на дефинитивнито календар за сезоната 2020/2021.

АБА лигата беше прекината уште во месец март поради пандемијата на вирусот КОВИД 19. Пред крајот на мај, Собранието донесе одлука натпреварувањето да не продолжи, без промоција на шампион, ниту пак испаѓање во понизок ранг на натпреварување.