Репрезентацијата на Република Македонија до 15 години во рмаки на проектот на ФИБА насловен „Заедно до М16“ синоќа пристигна во Букурешт, Романија каде од денес (28. април) па сè до недела (30. април) ќе се одржи меѓународен пријателски турнир. На турнирот, идентично како и на турнирот во јануари оваа година кој беше одржан во Скопје, учество ќе земат четири репрезентации – Романија, Бугарија, Косово и Република Македонија.
Македонската репрезентација утринава го одработи првиот тренинг во спортската сала „Олимпија“, а во 15:00 часот средноевропско време ќе го одигра првиот натпревар. Репрезентацијата на Бугарија ќе биде првиот противник на нашата репрезентација.
Во текот на денешниот ден ќе се одржи и состанок заедно со проект-менаџерите и ќе се одреди домаќинот на следниот меѓународен камп кој треба да се одржи во месец август.
„Утрово го одржавме првиот лесен тренинг бидејќи попладнево нè очекува натпревар против селекцијата на Бугарија. Атмосферата е одлична, мотивацијата како и секогаш е на највисоко ниво. Подготвени сме да го дадеме максимумот од себе во моментот кога ќе излеземе на терен“ – вели предводникот на оваа генерација, Александар Јованчев.