28.11.2023

Четирите турнири, во Атина, Валенсија, Рига и Сан Хуан ќе се играат од 2. до 7. јули наредната година

Одредени квалификациските групи за Олимписките игри, Словенија и Хрватска во иста група

Со ждрепката во швајцарскиот Мие, во седиштето на меѓународната кошаркарска федерација-ФИБА, одредени се составите на групите во квалификациите за Олимписките игри во Париз во 2024 година.

Во групата „А“, која ќе се игра во Атина, во периодот од 2. до 7. Јули, 2024 година, ќе играат селекциите на Словенија, Хрватска и Нов Зеланд, додека пак во групата „Б“ се домаќинот Грција, Египет и Доминиканска република.

По две првопласирани селекции од двете групи ќе се пласираат во полуфиналето. А победниците на тие дуели одат во финалето од каде победникот ќе се пласира на кошаркарскиот турнир во Париз.

На квалификацискиот турнир во Рига, освен селекцијата домаќин, Летонија, во групата „А“ ќе играат Грузија и Филипини, а во другата, група „Б“, се Бразил, Камерун и Црна Гора.

Во шпанската Валенсија ќе патуваат репрезентациите на Либан и Ангола, кои заедно со организаторот – репрезентацијата на Шпанија, се дел од групата „А“. Противници во групата „Б“ се националните тимови на Финска, Полска и Бахами.

Квалификации ќе се играат и во далечниот (за европјаните), Порторико, поточно во Сан Хуан. Во групата „А“, ждрепката ги смести репрезентациите на Мексико, Брег на Слоновата коска и Литванија, додека пак во групата „Б“ се Италија, Бахреин, и домаќинот – Порторико.

Инаку, на Олимписките игри кои ќе се одржат во периодот од 24. јули до 9. Август во Париз, наредната година, веќе се пласираа осум репрезентации. Домапинот Франција, новиот светски шампион, Германија, вицепрвакот Србија, како и Канада, САД, Австралија, Јапонија и Јужен Судан.