Ова лето Македонската кошаркарска федерација ќе биде организатор на Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркари „Под 16“ и „Под 18“ години, а ќе биде реализирано во нашиот главен град – Скопје.
Освен овие две селекции, исходот на ждрепката на која присуствуваше и генералниот секретар Владимир Георгиевски, ја очекуваа и нашата машка младинска селекција, која ќе игра на ЕП од Дивизијата „A“, како и нашата женска репрезентација „Под 18“ години, која е дел од ЕП од Дивизијата „Б“...
А ждрепката на групите за претстојните младински Европски првенства во двете дивизии која се одржа во Фрајзинг ги детерминираше сите натпреварувачки групи.
Редоследно, нашата машка селекција „Под 16“ години е поставена во групата „Д“ од ЕП кое ќе се одржи во Скопје во периодот од 8. до 17.август. Заедно со националните тимови на Естонија, Шведска, Украина и Австрија.
Нешто порано, од 26. јули, до 4. август, во Скопје, нашата федерација ќе биде домаќин и на ЕП од Дизијата „Б“ за кошаркари „Под 18“ години. А Македонија ќе биде дел од групата „Ц“ во која се уште и репрезентациите на Чешка, Босна и Херцеговина, Украина и Ирска.
Македонската младинска репрезентација ќе биде дел од Европското првенство Дивизија „А“, (дел од групата „А“) кое од 13.до 21. јули ќе се одржи во Гдиња (Полска). А ждрепката посака нашиот национален тим „Под 20“ да биде во групата „Ц“ , заедно со селекциите на: Шпанија, Турција и Белгија.
Нашата женска селекција „Под 18“ години летово (од 2. до 11. август) ќе игра во романскиот Плоешти. И тоа во групата „А“ во која уште „се паднаа“ и репрезентациите на Грција, Ирска, Бугарија и Норвешка.