Специјалната Олимпијада на Македонија ја заокружи Европската кошаркарска недела на лицата со посебни потреби со кус семинар, но и со демонстративен тренинг за минибаскет за лицата со попреченост. Неслучајно беше избран датумот 3. декември – денот на лицата со пречки во развојот.
На семинарот говореа Ана Петровска, национален директор на Специјалната Олимпијада на Македонија, Дарко Крстиќ – Unified тренер и координатор, како и Митко Маринковски, тренер во минибаскет кој минатата сезона ги предводеше најмладите кошаркари на МЗТ Скопје Аеродром до титулата во домашното првенство во лигата за кошаркари до 12 години.
Специјалната Олимпијада е глобално движење на луѓе кои создаваат еден нов свет на инклузија и заедницка во која секој поединец е прифатен и добредојден без разлика на неговите способности. Ние се обидуваме да помогнеме за да светот биде едно подобро, поздраво и посреќно место. Ние сме најголемата спортска организација во светот со преку 4,9 милиони спортисти од повеќе од 169 земји. Програмата на Специјалната Олимпијада е акредитирана во САД во 2004 година и оттогаш функционира и во границите на Република Македонија. За да се добие акредитација потребно е да се исполнат некои услови за кои ние гордо можеме да потврдиме дека ги исполнуваме веќе тринаесетта година. Нашите активности за овааг одина не застануваат тука. На крајот на овој месец, 24. декември, ќе организираме и новогодишен пливачки турнир на кој unified тимови ќе учествуваат во штафетни трки. – го отвори семинарот, Ана Петровска.
Следен говореше Дарко Крстиќ, кој заедно со Дарко Радуловиќ волонтира во Специјалната Олимпијада на Македонија речиси 13 години.
Unified значи комбинација од спортисти со попреченост како и спортисти без попреченост кои заедно функционираат како тим. Со настаните ширум светот се рушат бариерите, ниските очекувања и негативните ставови за лицата со посебни потреби во општеството. Постојат различни модели на unified кошарка која се приспособува на способностите на спортистите кои учествуваат. Има лица со поголема попреченост во развојот на кои им е потребно поголемо внимание и повеќе насоки и токму поради различниот степен на попреченост се приспособува моделот на кошарката. – продолжи Дарко Крстиќ.
На семинарот зема збор и Митко Маринковски, тренер во минибаскет, кој пред неколку месеци посети и семинар во Франкфурт посветен токму на оваа тема.
На семинарот во Франкфурт, на кој бев заедно со Дарко Крстиќ и со Дарко Радуловиќ, предаваа лица од кошаркарските федерации на Германија, Словенија и на Австралија. Акцент беше ставен на најмладите категориинивното прво запознавање со спортот.Најважно за младите е да бидат вклучени во спортски активности во кои ќе учат преку забава и ќе напредуваат. Впечаток ми остави програмата на Кошаркарската федерација на Австралија, која има 22 вработени на ниво на цел континент. Тие имаат програма „Aussie hoops“ со која се следат и се инволвираат млади деца од пет години па нагоре и се запознаваат со спортот кошарка. – Маринковски ги пренесе своите импресии од семинарот во Франкфурт, но и своите лични искуства од досегашната работа.
Работата на Специјалната Олимпијада на Македонија ја поздрави и Драган Василов – Цевка, претседателот на Здружението на кошаркарски тренери на Република Македонија кој беше присутен и на семинарот и на демонстративниот тренинг.
За вас имам едно огромно браво. Пријатно сум изненаден и импресиониран од вашиот професионален и сериозен пристап, се гледа дека со огромна желба го работите ова. Вие докажувате дека за секого постои место во Специјалната Олимпијада на Македонија. – истакна Василов.
По завршување на семинарот групата присутни се префрли во малата сала при Спортскиот центар „Борис Трајковски“ каде тренерот Дарко Радуловиќ одржа демонстративен тренинг за минибаскет кај лицата со попреченост.
Фото-галерија од демонстративниот тренинг е достапна на следниот ЛИНК.