05.03.2018

Одржан состанок со сите селектори на младинските репрезентации

Генералниот секретар при Македонската кошаркарска федерација, Моника Гаврилоска, заедно со Спортскиот директор Владимир Темелковски и Претседателот на Стручниот совет Марјан Лазовски одржаа состанок со селекторите на сите младински репрезентации кои ова лето ќе учествуваат на Европски првенства. На состанокот присуствуваа сите селектори со исклучок на Никола Василев кој поради работни обврски во Литванија најави отсуство.

„Овој состанок го свикавме со цел да се запознаеме меѓусебе и да поставиме некои основни цели за во блиска иднина. Не се сметам дека за стручен во кошарката, но јас сум поставен на оваа позиција за да помагам и да се залагам за да се обезбедат соодветни услови за вас и за вашата визија за конкретната селекција која ја водите. Дека во изминатите неколку години имаме лоши резултати е факт, но поентата е да се свртиме кон иднината и да видиме што понатаму. Сите селектори треба да достават идеален план и програма за работа на селекцијата како и очекувања од активностите“ – го отвори состанокот Спортскиот директор Темелковски.

 Треба да бидеме реални и да сносиме одговорност за работата на селекцијата е колективниот став на селекторите.

„Ние мораме да останеме реални и да не летаме во облаци со очекувањата. Не смееме да бараме изговори за резултатите, алиби и амнестирање од одговорноста“ истакна Панче Милевски, селектор на јуниорската машка репрезентација.

„Сите селектори кои се назначени имаат големо искуство со репрезентативни проекти и знаат што треба да се направи. Селекторите мора да бидат и транспарентни и да ги почитуваат роковите. Минатата година имавме неколку случаи да селекторите се чекаат неколку месеци за да достават извештај за сработеното. Мислам дека е клучно и што се постави човек на функцијата Спортски директор“ – дополни Претседателот на Стручниот совет, Марјан Лазовски.

Селекторите треба да достават идеален план и програма за подготвителниот период како и очекувања од настапот до идната среда (14. март, 2018 година).