Ако и имаше некоја дилема, сега повеќе нема... Наредниот собир на најдобрите четири екипи во Евролигата, оној во 2021 година, ќе се одржи во Келн.
Познатата „Ланксес“ Арена во Келн ќе ги нагости четирите екипи кои ќе завршат како најдобри во регуларниот дел, односно плеј-оф натпреварите во најквалитетното кошаркарско натпреварување во Европа.
Иницијално Келн требаше да биде домаќин и на завршниот турнир на Евролигата за сеозната 2019/2020. Но поради пандемијата која ја предизвика вирусот Ковид-19, и прекинот на натпреварувањето, оваа сезона не беше доиграна и завршена со финален турнир.
Согласно со календарот, новиот шампион во Евролигата ќе стане јасен во периодот од 28. до 30. мај, 2021 година.
На 28. мај, во арената која има капацитет од 18.000 седишта, ќе се играат двата полуфинални натпревари, додека два дена подоцна, оној за третото место и големото финале.
Келн е вториот град во Германија кој добива ваква можност за организација на најголемиот клупски настан во Европа.
Претходно Берлин, и тоа во два наврати, во 2009 и во 2016 година беше организатор на „Фајнал-фор“ турнирот на Евролигата.
Германија има и два свои претставници, берлинска Алба и минхенски Баерн во наредната сезона на Евролигата во која ќе се натпреваруваат вкупно 18. тимови.