ОКТА потпиша нов договор за спонзорство на машката сениорска репрезентација, пред стартот на првата фаза од квалификациите за пласман на Светскиот куп во кошарка (2023 FIBA Basketball World Cup).
Со новиот договор ОКТА го потврди своето долгогодишно партнерство со Кошаркарската Федерација на Северна Македонија, што преку различни активности во континуитет се спроведува изминативе седум години.
На официјалното потпишување на договорот беше презентиран и новиот дрес на националната репрезентација со логото на ОКТА.
„Како долгогодишен партнер, ОКТА континуирано ги поддржува сите репрезентативни селекции во рамки на кошаркарската федерацијата. Оваа година, среќни сме на можноста да бидеме главен поддржувач на најдобрата национална машка селекција во главните квалификации за пласман во Светскиот куп. Искрено посакуваме оваа соработка да донесе големи успеси на сениорската репрезентација во претстојните исклучително значајни натпревари, со кошаркарските супер-сили“, изјави Вук Радовиќ, главен извршен директор на ОКТА.
Сениорската репрезентација ги почнува квалификациите за Светскиот куп на 26. ноември 2021 година, со натпревар против актуелниот светски шампион Шпанија, што ќе се одржи во Скопје.
„Со потпишувањето на овој нов договор, ОКТА уште еднаш докажува дека е наш верен партнер. Од името на целата федерација сакам да се заблагодарам на ОКТА за нивната целокупна досегашна поддршка, која продолжува и за време на претстојните квалификациски натпревари за Светскиот куп. Ваквиот вид на долгорочна поддршка ни дава дополнителна енергија да ги надминеме сите предизвици со кои се сочуваме. Воедно претставува силен мотив за играчите да го дадат својот максимум во сите претстојни натпревари и одново да креираат нови спортски успеси и приказни кои долго ќе се паметат и прераскажуваат“, истакна претседателот на КФСМ, Перо Антиќ.
Квалификациите за пласман на Светскиот куп во кошарка, што ќе се одржи во 2023 година во Индонезија, Јапонија и Филипини, ќе се одвиваат во две фази. Во првата фаза, покрај натпреварот против репрезентацијата на Шпанија, нашите кошаркари, во рамки на групата „Г“ од европската зона, ќе се натпреваруваат и со селекциите на Украина и Грузија.