Македонскиот олимписки комитет во соработка со Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) ја продолжува Олимписката обука за напреден спортски менаџмент, активност за која се смета дека е дел од главните фактори кои дават голем придонес кон постигнување на врвните спортски резултати на најдобрите македонски спортисти и национални репрезентации.
Станува збор за обемна и квалитетна едукативна Олимписка програма која претставува теоретско-практична платформа за унапредување на работата во рамките на Олимписките спортски организации (ОСО) во кои спаѓат спортистите, тренерите, судиите, спортските клубови, НСФ-ии, Меѓународните спортски федерации, Националните олимписки комитети, Меѓународниот олимписки комитет, Организационите комитети на спортските настани, медиумите и другите.
Наведениот едукативен програм е со траење од 6 модули и ќе започне кон крајот на месец ноември 2019 година. Истиот треба да заврши до Мај 2020 година.
Програмата на обуката во потполност е диктирана од страна на ИОК, а е осмислена во соработка со повеќе од 150 светски признати научници и експерти од спортскиот менаџмент и опфаќа учење за клучните компетенции кои се неопходни за успешно раководење со ОСО преку следните модули:
- Вовед во Олимписка обука за напреден спортски менаџмент;
1.Менаџмент и организација на ОСО-ии;
2.Стратешко управување на ОСО-ии;
3.Управување со човечки ресурси на ОСО-ии;
4.Управување со финансии на ОСО-ии;
5.Спортски маркетинг на ОСО-ии;
6.Организирање на спортски настани
како и
7. Спортско арбитражен суд
8. Aнти-Допинг едукација
Кандидатите мора да бидат 100% присутни на сите предавања (едно одсуство ќе значи дека кандидатот се откажал од обуката и не е во можност да ја
продолжи/заврши истата) и квалитетно да ги изработат трудовите од областа на првите шест модули (седмиот и осмиот се факултативни). После секој завршен модул (предавање), кандидатот мора да изработи труд во врска со секое од горе наведените предавања, во "Word" и "Power Point".
Олимписката обука за напреден спортски менаџмент е наменета исклучиво за врвниот менаџмент во ОСО и секој кандидат ќе мора да ги задоволи следните услови:
- Да е делегиран од страна на највисокиот менаџмент на спортската институција (доказ: допис од НСФ или од институцијата која го предлага);
- Да поседува одлично познавање на англиски јазик;
- Да има искуство и резултати во работата во својата спортска институција (кратка биографија на кандидатот).
Во исто време, НСФ-и треба да ги информират и може да ги предложат и претставниците на спортските клубови кои би изразиле желба да бидат дел од оваа Висока обука за напреден спортски менаџмент.
Сите заинтересирани страни кои сакаат да предложат свој кандидат ќе треба да го направат тоа седум дена од објавување на огласот на e-mail: mok@mok.org.mk
Важно е да се напомене дека кандидатите кои успешно ќе ја завршат едукацијата, покрај огромното стекнато знаење, ќе добијат и валидна диплома од ИОК, сертификат кој претставува престижна препорака за работа во администрацијата на ОСО во државата и ширум целиот свет.