05.07.2021

Во тоа најдобро се уверија селекциите на Србија, Хрватска, Литванија и Канада, доживеаја вистински шок на домашен терен

ОЛИМПИСКИ КВАЛИФИКАЦИИ: Фаворити има, ама само на хартија

Селекциите на Чешка, Германија, Италија и Словенија ќе го компетираат списокот на учесници на Олимпискиот турнир во Токио.

Овие четири селекции ги освоија турнирите кои во изминатата седмица се одржаа во Викторија (Канада), Сплит (Хрватска), Белград (Србија) и Каунас (Литванија). И им се придружија на селекциите на Аргентина, Австралија, Франција, Иран, Јапонија, Нигерија, Шпанија и САД кои ќе играат на олимпискиот турнир во Токио.

Звучи помалку неверојатно, но е вистинито. Ниту една од репрезентациите домаќини на квалификациите за Токио, не „помина“ иако со самата кандидатура важеа за некои фаворити.

Но фаворити се само на хартија.

На теренот, овие четири европски селекции покажаа дека во овој момент се најдобрите.

Особено тоа се однесува за репрезентацијата на Словенија, која се одбрани од нападите на 16.000 Литванци присутни на теренот во „Жалгирио“ Арената во Каунас, секако и од противникот, „долу“ на теренот.

Неверојатниот Лука Дончиќ уште еднаш покажа дека е вистински „магионичар“. И дека со право важи за еден од најдобрите играчи во светот.

ФОТО: И Арвидас Сабонис го призна мајсторството на Лука Дончиќ, му го додели МВП признанието

Испорача епски трипл-дабл во финалето против фаворизираните Литванци. Даде 31.поен, имаше и 13. асистенции и 11. скока во победата (96:85), која за Словенија значи историја – прв пласман на Олимпијадата во кошаркарскиот спорт.

Голем шок доживеа, ама негативен, селекцијата на Србија, која пред своите гледачи во салата „Александар Николиќ“ доживеа бродолом во дуелот со Италија (95:102).

Азурите имаа неверојатна шутерска вечер во финалето. Го изрешетаа кошот на „орлите“. Погодија дури 14.тројки, а во одредени периоди од играта имаа водство и од дваесет поени.

На другите два турнири домаќините не ни дојдоа до големото финале.

Во Викторија имаше европска пресметка во која потполно неочекувано, но апсолутно заслужено, селекцијата на Чешка ја декласираше Грција (97:72), како потврда дека победата против домаќинот Канада, во полуфиналето, не била случајна.

Вистинско и големо изненадување направи и некомплетниот тим на Германија, која во финалето на турнирот во Сплит беше подобра од Бразил.

Со игрите во првиот дел и полуфиналето, „кариоките“ беа апсолутни фаворити против „панцерите“, селекција каде недостасуваа неколку важни кошаркари од НБА лигата. Но четата на Хенрик Редл издржа, и во „Спаладиум“ арената го задржа Бразил на само 64. дадени поени, и победи со „ниски“ (75:64).

Мориц Вагнер беше играч на финалето, а во иста МВП улога, на другите турнири, покрај неверојатниот Лука Дончиќ, беа и Акиле Полонара, односно Томаш Саторански.

РЕЗУЛТАТИ

ТУРНИР – КАУНАС

ПОЛУФИНАЛЕ

Словенија – Венецуела  98:70

Литванија – Полска         88:69

ФИНАЛЕ

Словенија – Литванија   96:85

ТУРНИР – СПЛИТ

ПОЛУФИНАЛЕ

Бразил – Мексико            102:74

Хрватска – Германија     76:86

ФИНАЛЕ

Германија – Бразил         75:64

ТУРНИР – БЕЛГРАД

ПОЛУФИНАЛЕ

Италија – Доминикана   79:59

Србија – Порторико        102:84

ФИНАЛЕ

Италија – Србија   102:95

ТУРНИР – ВИКТОРИЈА

ПОЛУФИНАЛЕ

Канада – Чешка    101:103

Турција – Грција   63:81

ФИНАЛЕ

Чешка – Грција      97:72