08.07.2024

Познати се сите учесници на олимпискиот турнир

ОЛИМПИСКИ КВАЛИФИКАЦИИ: Грција, Шпанија, Бразил и Порторико одат за Париз

Со одигрувањето на финалните натпревари на четирите квалификациски турнири, познати се и сите 12. национални селекции кои ќе бидат дел од претстојната Олимпијада која ќе се одржи во Париз.

А три од четирите национални федерации кои беа во улога на домаќини-организатори, ја искористија шансата која им ја дава играњето пред своите фанови.

Репрезентацијата на Грција го освои турнирот во Атина, откако во финалниот натпревар, потешко од предвидувањата ја совлада репрезентацијата на Хрватска, а нивната главна ѕвезда, Јанис Адетокумпо беше прогласен и за МВП на турнирот во салата „Мир и пријателство“ во Пиреја.

Со овој триуммф Грција влегува во „групата на смртта“ која ја нарекоа новинарите од целиот свет, а во која претходно пласман обезбедија селекциите на Австралија, Канада, и Шпанија, која пак го освои турнирот пред својата публика во Валенсија.

Во финалниот натпревар „црвената фурија“ се справи со селекцијата на Бахамите, славеше со (86:78), со што му ја продолжија репрезентативната карира на големиот Руди Фернандез, кој своето простување ќе го има токму на турнирот во Париз.

А во главниот град на Франција пласман обезбедија уште две не-евролски репрезентации.

Предноста на домашниот терен во Сан Хуан, ја искористија репрезентативците на Порторико кои во мечот на одлука го изненадија помалку фаворизираниот состав на Литванија (79:68).  

Хозе Алварадо, со просек од 16.поени, 3.8 скока, 3.асистенции и 2.3 освоени топки беше најкорисен на турнирот.

Порторико ќе биде дел од групата „Ц“ на Олимпијадата, заедно со репрезентациите на САД, Србија и Јужен Судан.  

Селекцијата на Бразил е, се чини и најголемиот победник на овие квалификации, затоа што до олимпискиот билет за Париз дојде на гостински терен.

Во големото финале на турнирот на Рига, имаа неверојатно издание во тие последни 40.минути. Особено во првите десет кога и се стекнаа со недостижна предност (34:11) и потоа и до голема победа над Летонија (94:69).

Најдобар во ова друштво беше Бруно Кабокло, кој финишираше со реализација на 21.поен, а како награда „кариоките“ добија играње во групата „Б“ во која освен домашната селекција на Франција се уште и актуелниот светски шампион, Германија, и Јапонија.

Олимпискиот кошаркарски турнир во машка конкуренција ќе стартува на 27.јули, во Лил, а ќе заврши на 10.август со финалните натпревари за трето место, односно финалето, во Арената „Берси“ во Париз.