Дојде на ред и она „главното“, и за кое нашиот сениорски состав работеше во изминатиот период од подготовките. Настап, за прв пат, на едно натпреварување наречено „олимписки претквалификации“, кои се одлучија да ги реализираат луѓето кои ја водат светската кошаркарска организација.
Денеска, во Талин стартува еден од неколкуте турнири во европската зона на ФИБА, на кој меѓу националните тимови, учесници, е и Македонија.
Во друштво на стандардните учесници на евро-шампионатите како што се Израел, нашиот прв противник, Чешка, и домаќинот на овој турнир – Естонија.
А ниту ова лето не помина според очекувањата на нашиот стручен тим. Повторно селекторот Александар Јончевски се соочи со голем број на, пред се, персонални проблеми.
Некои од повиканите репрезентативци воопшто не беа дел од подготовките, а згора на тоа пред самото тргнување за Естонија, повреда заработи и Ненад Димитријевиќ.
Па на претстојните натпревари, стартувајќи со вечерашниот, (од 18.часот), против селекцијата на Израел, Македонија ќе игра во еден доста поразличен тим од планираниот, а во кој ќе има и неколку нови, млади играчи, кои ги поминаа оние, условно земено, младински „филтри“.
„По многуте откажувања на неколку стандардни репрезентативци, а последното, и пред самото поаѓање, на турнирот кој следи во Талин ќе настапиме со дури четири играчи кои за прв пат се во состав на сениорскиот тим.
Со оглед на тоа дека само една репрезентација од вкупно осум, поделени во две групи, ќе го продолжи натпреварувањето во квалификациите за пласман на Олимпијадата, фаворити секако ќе бидат оние репрезентации кои ќе имаат и најголем број на играчи кои би можеле да се најдат во ротација, а воедно да се задржи квалитетот“- смета селекторот Јончевски.
Извесно е дека овие промени условија овој собир во главниот град на Естонија да биде искористен и за „вложување“ токму во оние играчи „кои доаѓаат“...
„Ќе го искористиме овој турнир за што поголемо воигрување на новите репрезентативци на кои ќе мораме да се потпреме во понатамошните собири. Верувам дека сите што се најдоа на списокот, како и оние кои допрва ќе се најдат, ќе имаат и што да покажат. Да ги искористат своите минути, а истовремено да можат да ги увидат и вистинските спортски и човечки вредности на малкумината искусни, на чело со капитенот Војдан Стојановски“- вели Јончевски пред почетокот на турнирот во Талин.
Инаку, овој, но и наредните натпревари на нашата најдобра репрезентативна селекција на турнирот во естонската престолнина ќе бидат пренесувани директно на програмата на ТВ „Канал 5“.
ОЛИМПИСКИ ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ – ТАЛИН 2023
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
12. АВГУСТ (САБОТА)
15.00: Чешка – Естонија
18.00: МАКЕДОНИЈА – Израел
13. АВГУСТ (НЕДЕЛА)
15.00: Израел – Чешка
18.00: Естонија – МАКЕДОНИЈА
14. АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК)
СЛОБОДЕН ДЕН
15.АВГУСТ (ВТОРНИК)
15.00: Чешка – МАКЕДОНИЈА
18.00: Израел - Естонија