12.08.2023

Израелците дојдоа до убедлив триумф (86:65), за „црвено-жолтите“ следува дуелот со Естонија, утре вечер (од 18.часот)

ОЛИМПИСКИ ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ – ТАЛИН 2023: Пораз од Израел на премиерата

Пораз на нашата машка сениорска репрезентација во премиерниот меч од олимписките претквалификации во Талин. Подобра од нашата беше селекцијата на Израел, која на крајот прослави и убедлива победа.

МАКЕДОНИЈА – ИЗРАЕЛ 65:86

Израмнети, би се рекло и очекувано, беа првите пет минути од овој премиерен меч за двете селекции на овој турнир во Талин. Македонија и Израел имаа по 14 поени по скоро пет минути од играта. Но во оние наредните, противникот успеа да се одвои, и четвртината да ја затвори со солидно водство (24:19).  

Во 16.минута, Израел дојде и до двоцифрено водство (37:26). И благодарение на расположениот Ти Џеј Шортс, не дозволивме да биде и повисоко. До крајот на првото полувреме, нашиот прв адут во играта, пред се, во фазата на нападот, стигна до 16. реализации, а ние бевме во заостанување од девет поени (38:47).

Она што и претходно беше евидентирано како проблем, скок-играта, беше забележливо и на овој натпревар. Во тие први 20.минути, Израелците имаа 11 скока повеќе во однос на нас (23 спрема 12). Доминираше корпулентниот Роман Соркин, кој за нецели 17 минути реализираше исто толку поени (плус по пет скока и асистенции).

Освен тоа Израел имаше и подобра реализација, особено во шутот за три поени (46.6% спрема нашите 30%).

За три и пол минути во третата четвртина, Израел направи серија од (10-2), за највисока предност (57:40).

Минутите без реализација, со тројка, ги прекина Робев... Но немавме постојаност во постигнувањето на поените, што беше и причина за константното водство кое го имаше противникот се до крајот на овој прв натпревар во Талин.  

Освен тоа, останавме и без помошта на капитенот Војдан Стојановски, кој се пожали на повреда, па остана на нецели 19.минути поминати на теренот.

Шортс застана на 22. Реализани поени (8/12 во шутот за два поени), Магдевски имаше 11, додека пак Стојановски застана на девет додека беше на теренот.

Утре, во истото време, и на исто место, во обид да дојдат до прв успех на турнирот, нашите најдобри кошаркари ќе играат против селекцијата на домаќинот, Естонија, која во премиерата загуби со тесни (74:77) од репрезентацијата на Чешка.

ОЛИМПИСКИ ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ – ТАЛИН 2023

РАСПОРЕД И РЕЗУЛТАТИ

ПРВО КОЛО

Чешка – Естонија  77:74

МАКЕДОНИЈА – Израел  65:86

ТАБЕЛА

1.Израел      1          1          0          87:65 2

2. Чешка       1          1          0          77:74 2

3. Естонија   1          0          1          74:77 1

4.МАКЕДОНИЈА    1          0          1          65:86 1

ИДНО КОЛО 13. АВГУСТ (НЕДЕЛА)

15.00: Израел – Чешка

18.00: Естонија – МАКЕДОНИЈА