ФИБА одлучи, олимпискиот квалификациски турнир FIBA 3X3, да се одржи наредната година. А во периодот од 26. до 30. мај австрискиот Грац да биде во улога на град-домаќин на овој голем настан.
Претставувајќи ја ФИБА, извршниот директор Камил Новак истакна дека Австрија го поставила мошне високо нивото на организираност за нивниот прв официјален натпревар на FIBA 3X3.
„ФИБА е воодушевена што на патот кон Олимпијадата, натпреварувањето во 3X3 ќе застане во исконскиот ‘Хауптлац’ во Грац. Но и тоа дека австриските власти ветија дека ќе го направат најзелениот, најодржливиот настан до денес, што е целосно во согласност со нашиот концепт за намален еколошки отпечаток од 3X3“- потенцираше Новак.
Вкупно четириесет екипи (по 20 во машка и во женска конкуренција) кои доаѓаат од 36. различни земји ќе се натпреваруваат на Олимпискиот квалификации на FIBA 3X3 за шест билети (по три во двете конкуренции) во Токио.
Изграден околу „зелен и одржлив концепт“, настанот ќе биде првиот официјален натпревар на FIBA 3X3 во Австрија.
Концептот за одржливост беше развиен врз основа на управување со отпад, употреба на енергија и вода, мобилност и заштита на климата, регионални производи и социјална одговорност.
За овој ивент, локалните организатори, привремено, ќе изградат отворен терен, со капацитет од 2.000 места.
Инаку, вкупно 16. екипи (по осум во двете конкуренции) ќе се натпреваруваат на Олимпијадата во Токио:
- осум од нив (по четири во двете конкуренции) веќе се квалификуваа на 1. ноември 2019 година врз основа на ранг-листата на федерацијата FIBA 3X3.
- шест дополнителни билети (3 во двете конкуренции) ќе бидат познати по Олимпискиот квалификациски турнир на FIBA 3X3 во Грац.
- Последните два билети (по еден во двете конкуренции) ќе бидат јасни на дополнителниот Олимписки квалификациски турнир на FIBA 3X3, чиј организатор ќе биде Будимпешта, а датумот на одигрување ќе биде објавен подоцна.