21.08.2020

Македонската кошарка, за жал, остана без уште еден великан...

Оние на кои им бил тренер, тие што играле со него, тие што му биле соработници: „Цевка, како да си кажеме збогум“?

Драган Василов-Цевка, легендарниот тренер во младинските категории низ чии раце минале илјадници кошаркари и речиси сите оние кои порано или сега значеле нешто во макбаскетот.

Ќе остане запаметен, човекот кој никогаш не беше премногу експониран во јавноста, но кој беше и тоа како познат кај луѓето кои барем еднаш во животот ја фатиле портокаловата топка во рацете, најмногу се гледа сега, кога илјадници луѓе се збогуваат со него по социјалните мрежи. Тие на кои им бил прв тренер, тие што играле со него и тие што му биле соработници...

Лазар Лечиќ: „Кошаркарски човек, играчина, тренер, последен поздрав од твојот тренер Лазо Лечиќ. Прерано си замина. Почивај во мир, амин!“

Емил Рајковиќ: „Нашиот прв тренер отиде горе кај легендите, почивај во мир батка“

Ѓорѓи Кочов: „Ќе се вратам назад во веќе далечната 1996. На трибина се соблекуваат повеќе од 100 деца, сите чекаат да започне селективениот тренинг. Ти се чини небаре цел град е на трибина. Протече информација на трибина дека Цевка нема обичај да брка деца, меѓутоа ако ти каже "БАТКА" дојди за две недели знаеш дека тоа е тоа, не си за таму..... Драго ми е што иако тогаш бев жголјаво момче со неполни 12 години ме остави цела недела, и година, и години...... Ти благодарам за се што имаш направено за развојот на македонската кошарка. Почивај во мир. Искрено сочуство до семејството и пријателите“.

Тони Симиќ: „Како да си кажеме збогум Цевка? Не можев да поверувам кога ми кажаа. Уште еден голем човек замина во легендите. Ми беше учител, тренер, пријател. Но таквите како што беше ти не умираат. Продолжуваат да живеат во спомените. Сепак морам да кажам, ‘Збогум голем човеку’. Чувај нè сите од горе“...

КК Работнички: Вчера нè напушти еден од најдобрите кошаркарски младински тренери во државата, Драган Василов - Цевка.

Василов е поранешен младински тренер и селектор на кадетската репрезентација кој во кошарката беше активен повеќе од триесет години и низ чии раце поминале играчи како Перо Антиќ, Ѓорѓи Чековски, Александар Јончевски, Емил Рајковиќ и многу други кошаркари кои оставиле свој белег во македонската кошарка. Последно, Василов ја извршуваше функцијата претседател на Тренерската комисија во КФСМ. Нека почива во мир“.

КК МЗТ Скопје Аеродром: „Денешниот ден носи голема така за македонското кошаркарско семејство, по веста за ненадејната смрт на еден од најдобрите тренери во младинските категории на сите времиња кај нас, Драган Василов-Цевка. Работејќи тоа што со децении наназад му носеше најголема радост, со најмладите на кампот на КФМ во Маврово, на Василов му се слошило по вечерата и набрзо ја загубил најважната битка без разлика на исклучителните напори да му се помогне. Имаше 64 години.

Василов неколку години од својот богат тренерски опус мина и во младинската школа на нашиот клуб, пренесувајќи дел од своето огромно искуство на плејада таленти кои потоа продолжија да се надградуваат уште повеќе.

КК МЗТ Скопје Аеродром изразува најголемо сочуство до семејството, роднините и пријателите на нашиот драг Цевка. Изгубивме човек со големо срце.Слава му!“

Илија Мерџановски: „Во вакви моменти нема зборови кои ќе донесат утеха и ќе ја намалат болката, но сепак дозволете да упатам најискрено сочувство до семејството на мојот драг пријател  Драган Василов – Цевка, за загубата на нивниот прекрасен сопруг и татко.

Другарувавме 30 години, од успесите на Работнички, преку оние на младинската, се до најголемите успеси на сениорската репрезентација и безбројните заеднички патувања. Кога ќе се присетам на сите досетки што еден со друг си ги имавме приредено, некогаш дури и само споменувањето на неговото име, ми носеше од оние заразни насмевки. Верувам дека неговото име имаше ваков ефект на сите луѓе кои го познаваа и сигурен сум дека ова е особина која можат да ја изведат само навистина големите луѓе. Цевка беше еден од најпозитивните ликови, вљубеник во кошарката, тренер и креатор на цели генерации млади играчи, другар, пријател и семеен човек за пример – легенда. Легендите живеат засекогаш! Слава му!“

Џеремаја Босвел: „Тажен ден за македонската кошарка. Цевка беше одличен тренер и уште подобар човек“

Тане Спасев: „Прераното заминување од овој свет на нашиот пријател и легендарен тренер Цевка нè шокираше сите. Тој го посвети својот живот на образованието и благосостојбата на младите со кои работеше во последните 30 години. До последните мигови тој беше посветен на таа кауза, и ги потсети сите, ме потсети и мене околу тоа што е суштината на младинската кошарка. Тој многу ќе ни недостасува, но нема да биде заборавен.

ПОЧИВАЈ ВО МИР. Батка“