18.01.2024

Завршницата ќе се игра од 15. до 17.февруари во спортската сала „Боро Чурлевски“

Организацијата на финалниот турнир на Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ 2024-мажи е доделена на КК „Пелистер“ од Битола

Согласно со пропозициите за натпреварување на Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ 2024 во машка конкуренција, Македонската кошаркарска федерација распиша конкурс за техничка организација на завршниот турнир од ова натпреварување.

По предвидениот рок за испраќање на пријави за добивање на организацијата, донесена е одлука организацијата на финалниот турнир за натпреварувачката сезона 2023/2024 година, да му се додели на КК „Пелистер“  од Битола.

Завршниот турнир во „Фајнал-ејт“ формат, ќе се одигра во периодот од 15. до 17. февруари, 2024 година, во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.  

Место во завршницата на ова натпреварување, обезбедија екипите на: МЗТ Скопје Аеродром, Еуро Никел 2005, Пелистер, Чаир 2030, Работнички, ТФТ Моцарт, Феникс 2010 и Гостивар.

Согласно со пласманот на екипите по првиот круг од регуларниот дел од сезоната (11. одиграни кола) од Првата лига-мажи, во четвртфиналето ќе се сретнат:  

(1) МЗТ Скопје Аеродром – (8) Гостивар

(2) Пелистер – (7) Феникс 2010

(3) Еуро Никел 2005 – (6) Чаир 2030

(4) Работнички – (5) ТФТ Моцарт

Македонската кошаркарска федерација ќе биде организатор на финалниот турнир од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“2024 во женска конкуренција.

Терминот и местото на одигрување на завршницата на Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ 2024 - жени, ќе бидат дополнително објавени.