01.12.2019

ОСМО КОЛО ОД ПРВАТА ЛИГА-МАЖИ: Кавадарчани не му дадоа на шампионот да биде лидер!

Во последниот натпревар од викенд програмата на осмото првенствено коло, екипата на Еуро Никел 2005 го надигра МЗТ Скопје Аеродром (92:78)

 

Кавадарчани имаа извонредна втора четвртина во која направија резултатски пресврт, двоцифрена предност, која ја сочуваа во второто полувреме.

ЕУРО НИКЕЛ 2005 – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ       92:78

(20-24; 32-16; 23-17; 17-21)

Доволно за една неверојатна ситуација на табелата во Првата лига која вели дека по осум кола дури четири екипи, Кожув, МЗТ Скопје Аеродром, Гостивар и Еуро Никел 2005,  се на ист ефект, шест победи и два порази

Доста израмнето беше во првото полувреме на дуелот во кавадаречки „Јасмин“, макар што гостите од Скопје имаа постојано водство но од само неколку поени. Првакот имаше вишок од пет поени (19:14), а нешто слично беше и на истекот на првата четвртина (24:20).

Првото водство за Еуро Никел 2005, по оние почетни (4:0),  во втората четвртина стигна во 13. минута од играта кога поентираше искусниот Караколев (32:31). А кога истиот играч на семафорот постави резултат (41:35), тоа беше знак за тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов да побара една минута одмор, момент од средишницата на вториот дел од првото полувреме.

Феноменално издание во таа фаза од мечот имаше високиот Каплановиќ, кој реализираше 17. поени со стонастотна реализација од поле (6/6 и од линијата за слободни фрлања, 5/5), а имаше и седум скока.

Го следеше Караколев, со десет реализации

Таа одлична четвртина кавадарчани ја завршија со 32. поени (двојно повеќе од противникот), и сосема заслужено на одмор заминаа со двоцифрено водство (52:40).

За тоа во голема мерка придонесоа гостинските кошаркари кои во шест минути реализираа само пет поени.

Еуро Никел 2005 имаше и позитива од 14.поени, (54:40), по 20. реализација на Каплановиќ. Но Стојановски, Крстевски и Ерон Херис не дозволија да оди и уште погоре, напротив...

Со шест поени во низа ја претворија во едноцифрена, (52:59). Макар и за кратко, затоа што уследи нова серија на домашната екипа, сега од (7-0) за враќање на комотното водство (66:52) по 26.минути игра. Новата криза во играта на „металците“ за забивање ја запечати Каплановиќ, за највисоките (70:54) и нов тајм-аут за Кочов на 3:12 минути пред истекот на третиот период.

Но, кој друг ако не Каплановиќ, се погрижи тимот од Кавадарци да „побегне“ и на 21 поен позитива, (75:54).

Во неполни шест минути, МЗТ Скопје таа негатива (57:77), ја преполови на (68:79). Но Марзет го одби тој напад на бранителот на титулата, за (84:70), потоа и (92:73), за тежок пад на шампионот во кавадаречки „Јасмин“.

Каплановиќ финишираше со двоен ефект од 27.поени 910/11 од поле) и 12.скока, му се придружи, во второто полувреме Мaрзет со 26.поени.

Кај заморениот МЗТ Скопје, петмина со двоен број на поени, најмногу 18, дојдоа од репрезентативецот Бојан Крстевски.

Инаку, осмото коло од Првата лига ќе биде заокружено во среда, кога својот меѓусебен дуел ќе го одиграат екипите нз МЗТ Скопје Унибанка и битолски Пелистер.

РЕЗУЛТАТИ

Еуро Никел 2005 – МЗТ Скопје Аеродром  92:78
Гостивар – Куманово 2009       72:85
Кожув – Академија ФМП           87:78
Вардар – Работнички      55:103         
Пелистер – МЗТ Скопје Унибанка      04.12

ТАБЕЛА: Кожув 14, Гостивар 14, МЗТ Скопе Аеродром 14, Еуро Никел 2005 14, Работнички 13, Куманово 2009 13, Академија ФМП 10, Пелистер 9 (-1), Вардар 9, МЗТ Унибанка 7 (-1)  

ИДНО КОЛО (07.12)

Куманово – Еуро Никел 2005
Пелистер – Гостивар
Академија ФМП – МЗТ Скопје Унибанка
Работнички – Кожув
МЗТ Скопје Аеродром - Вардар