Ненад Димитријевиќ е нашиот претставник во елитната европска кошарка, макар и во она второ по квалитет натпреварување - Еврокупот.
Вечерва, неговиот Хувентуд ја стартуваше втората, ТОП 16 фаза, од ова натпреварување. А во првото коло на програмата беше шпанското дерби, во Бадалона, Хувентуд ја пречека Морабанк Андора. И победи со резултат (90:87).
Меч во кој Ненад Димитријевиќ влезе во игра во осмата минута, кога го замени искусниот Никос Зизис. И поентираше веќе во првиот обид од поле.
Но гостите од Андора имаа фантастична прва четвртина која ја решија во своја корист со убедливи (32:16).
Многу подобро изгледаше играта на тимот од Бадалона откако токму Димитријевиќ влезе во поентерска серија. Реализираше осум поени во вториот период од играта во кој Хувентуд се приближи на достижна, едноцифрена разлика (33:42).
Тоа прво полувреме нашиот репрезентативец одигра десет минути и реализираше исто толку поени (2/3 за три и 2/2 за два поени), плус и два скока и една загубена топка. Но Хувентуд беше во големо заостанување од -12 (36:48).
Второто влегување на Македонецот во игра, донесе нова серија на Хувентуд кој до истекот на третата четвртина одново намали на едноцифрена негатива од шест поени (58:64).
Но никако не се предадоа „зелено-црните“, напротив... Притиснаа уште повеќе, а наградата за тоа стигна буквално во последната минута од мечот. Успеаа да ја стигнат домашните кошаркари таа негатива, а со поените „два плус еден“ на Морган и да поведат (87:84). Ја издржаа и пенал-завршницата и ги подигнаа рацете во вис, во знак на победа.
На крајот, зад името на Димитријевиќ останаа запишани 11.поени (2/3 за три, 2/3 за два и 1/3 за еден поен), два скока, две асистенции, три загубени топки.
Сето тоа за 16:11 минути поминати во игра на премиерата во ТОП 16 фазата од Еврокупот.
Во вториот круг Димитријевиќ и Хувентуд ги чека уште една шпанска пресметка. И тоа против еден топ фаворит во Еврокупот – Уникаха во Малага.