Сениорската репрезентација го одржа првиот собир со кој официјално започна мисијата пласман во квалификациите за Светското првенство кое во 2019 година ќе се одржи во Кина.Селекторот Јорданчо Давитков прозиваше, а репрезентатиците ги слушаа неговите ’команди’. На првиот тренинг на Давитков му помагаа стручните соработници кои ќе бидат со националниот состав во наредните 40 дена.
Уште кога Јоцо стана селектор бев во комуникација со претседателот и по разговорите одлучивме да дојдам да помогнам колку што можам со техниката. Со своите искуство ќе се обидам да помогнам колку што можам за да македонската репрезентација ги помине овие претквалификации кои не се важни само за оваа репрезентација туку за кошарката во Македонија воопшто. Наредните квалификации ни се многу важни бидејќи ќе ни дојдат многу ’попознати’ репрезентации кои ќе придонесат за популаризација на кошарката и да се подигне нивото и квалитетот на националната селекција за која верувам дека има капацитет за поголеми дострели. Јас мислам дека Чековски ќе настапува за репрезентацијата, а Перо е скоро дојден од своите обврски и напорна сезона. Ништо не се знае, но тоа зависи од многу фактори - истакна Тодор Гечевски.
Поранешниот капитен на репрезентацијата, Перо Антиќ одговори позитивно на повикот на Давитков и се појави на првиот собир.
Моето појавување на првиот собир значи респект за стручниот штаб на репрезентацијата како и директорот. Пред неколку години зборев за пензија од националниот дрес, но мило ми е што Јоцо се врати во репрезетацијата. Со него имам одлична соработка во изминатите години. Тешко е да одлучам, но за два до три дена ќе знаеме сигурно дали ќе настапувам ова лето за репрезентацијата. - истакна Антиќ.
Сегашниот капитен на репрезентацијата, Војдан Стојановски посакува националниот состав да се комплетира во наредните неколку денови, по што би се вршеле подетални анализи.
Пред се, за нас е најважно да бидеме здрави и да се комплетираме – за ден два, а потоа и да ги поминеме претквалификациите и да се вратиме каде што бевме пред три години. По надворешни линии сме одлични, но под кош не знам кој откажал или кој се двоуми за да знаеме како ќе изгледа тоа.
Организаторот на игра на репрезентацијата Александар Костоски вели дека за индивидуалци во репрезентацијата нема место.
Списокот делува интересно, а дали ќе се исполни ќе видиме. Нам ни требаат сите играчи да се појават. Јас и претходните години го кажував истото – ние сме репрезентација која функционира како тим, тука за индивидуалци нема место. Се надевам дека селекторот ќе ја врати атмосферата, а и самодовербата која ја изгубивме во последните неколку години. Ќе се подготвиме најдобро што можеме за овие четири натпревари кои ни се најважни.