25.06.2025

Со првиот собир во СРЦ „Кале“ стартуваа обврските за нашата селекција „Под 16“, која ќе биде домаќин на ЕП од Дивизијата „Б“ во Скопје

Означен почетокот на подготовките на машката кадетска репрезентација (ФОТО)

И ова лето во Скопје ќе се игра уште еден евро-шаампионат, овојпат кадетскиот, односно за играчи „Под 16“ години.

Уште еднаш, во улога на домаќин ќе биде нашиот кадетски национален тим, кој денеска ги започна подготовките за онаа што следува во периодот од 7. до 16.август, ЕП од Дивизијата „Б“.

Селекторот на кадетите, Нермин Пепиќ и неговиот стручен тим, на првиот тренинг во СРЦ „Кале“ ги дочекаа најголем број од кандидатите за место во финалната „дванаесетка“, кои непосредно пред почетокот беа поздравени и од претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Томе Главчев.

„Сакам да ве поздравам, и веројатно позитивно ќе влијаам на вашата желба, за да дадеме се од нас на ова првенство, иако сте вие сеуште деца, да го поминеме ‘машки’. Ние сакаме и веруваме во вас. Се надевам дека сето она што вие го чувствувате ќе го реализирате на теренот, како за вас, за вашите семејства, така и за нашата држава. Гледам дека сите сте млади, убави деца. Ви посакувам на сите многу среќа, успешност, залагање, и на крајот на првенството да се радуваме“ – порача претседателот Главчев.

Успешна работа на овој наш национален тим „Под 16“, им посака и потпретседателот Младен Ѓуроски:

„Би ви посакал успешна работа, со надеж дека сите ќе бидете здрави до крајот на овие подготовки. Од мене, тие што се најдобри, да се изборат за место во репрезентацијата и да ја претставуваме достојно Македонија“ -  потенцираше Ѓуроски на првиот собир на овааа наша национална селекција.

Согласно со планираните активности, во наредните денови кадетскиот тим „ќе живее и работи“ во СРЦ „Кале“.  За 12 и 13. јули предвидени се првите контролни натпревари, кога во Скопје ќе гостува кадетската репрезентација на Црна Гора. Како подготовка за она што следува, настапот на Младинските олимписки игри, односно кошаркарскиот турнир кој од 19. до 26.јули ќе биде реализиран во Куманово. А до пред почетокот на евро-шампионатот во скопје, многу веројатно е дека кадетите ќе одиграат и уште некоја „контрола“ (со Косово и Швајцарија).