Нашата машка селекција на играчи родени 2006 година и помлади, ова лето ќе го има веројатно најтешкиот испит на зрелоста, секако и квалитетот, од сите наши младински национални тимови.
Од причина што за што подобар пласман во Дивизијата „А“ од Европското првенство за оваа возрасна категорија, ќе игра пред својата публика во Скопје.
Иако 12. август, за кога е закажана премиерата од кадетскиот Евробаскет во Скопје, селекторот Андреј Апостолски Лечиќ и неговите соработници, асистентите Никола Димитриевски и Дејан Србиновски, како и Проф-Др. Александар Ацевски, кој е задолжен за кондициската подготовка на тимот, е доста далеку, барем од оваа временска перспектива, тоа не ги смени плановите за отворање на репрезентативниот камп.
Оттука, попладнево од 17.часот, во салата на СРЦ „Кале“ беше и првата прозивка која беше трансформирана во прв тренинг, а во кој стручниот тим има на располагање дури 20. кошаркари.
„Нема да кажам ништо ново, освен тоа дека навистина ова лето нè чека исклучително тешка задача. Пред нашите навивачи, нашата публика во Скопје да потврдиме дека Македонија има квалитетни кошаркари кои се достојни да го одбраната местото во ‘А’ Дивизијата. Со таа премиса, со тие очекувања и ги стартуваме овие подготовки. Ќе биде напорно, со моите соработници направивме еден обемен план, кој сакам да го реализираме стонастотно во перидот кој следува“- вели Апостолски Лечиќ непосредно пред почетокот на првиот тренинг.
Извесно е дека првата фаза ќе биде селективна, стручниот тим ќе треба да го дефинира ростерот со кој ќе тргне во оној ударен дел од подготвителниот период.
„Да, во некоја рака првите тренинзи ќе имаат и една таква конотација. Навистина сакаме да ги одбереме најдобрите во оваа селекција. И овие први тренинзи кои ќе ги реализираме во СРЦ ‘Кале’, освен поставување на основите на работата во периодот кој е пред нас, ќе бидат и своевиден филтер, кој треба да го даде ростерот, кој ќе биде дел од втората подготвителна фаза“- дообјаснува селекторот на кадетите.
Планот вели дека пред оваа наша селекција се и голем број на проверки со сериозни европски репрезентации.
„Стартуваме со гостување во Бугарија, во средината на јули. Една недела подоцна, имаме планирано и натпревари со Србија. А непосредно пред почетокот на шампионатот, односно онаа прва седмица од август, ќе играме пријателски натпревари со силни противници како што несомнено се Шпанија, Турција и Израел. Подготовките ќе ги финишираме во Маврово, кад е од 6. до 9. август ќе ги дефинираме сите работи потребно во реализацијата на нашата основна идеја. Да играме добра кошарка, и со поддршка на нашите фанови во Скопје, да направиме добар резултат на Европското првенство“- посакува Апостолски Лечиќ.