13.07.2021

Во стручниот штаб на „часовничарите“ ќе биде и неговиот сонародник Димитрис Менудакис.

Папатеодору ќе ја предводи Швајцарија во „балонот“ во Скопје

Досегашниот асистент во грчката репрезентација Илијас Папатеодору е нов селектор на швајцарскиот национален тим и ќе го води на претквалификациите што идниот месец ќе се одржат во Скопје.

Папатеодору беше дел од стручниот штаб на Рик Питино во грчката репрезентација за време на олимписките квалификации што се одржаа пред две недели, а на кои нашиот јужен сосед на успеа да обезбеди пласман во Токио затоа што во финалето загуби од Чешка.

Се очекува Папатеодору, кој доаѓа на местото на Џанлука Барилари, в петок да замине во Швајцарија и да ги почне подготовките за претквалификациите.

Освен Македонија, противник ќе му биде и Словачка, а циклусот се одржува од 12 до 18 август во Скопје. Заедно со Папатеодору, во стручниот штаб ќе биде и неговиот сонародник Димитрис Менудакис.