03.08.2017

Парма од Русија прв противник на Работнички во ФИБА Европа Купот

Работнички ќе се бори против клубот Парма од Русија во рамки на првата квалификациска рунда од Европа Купот на ФИБА. Ждребот во Минхен, одржан предмалку, посака да македонскиот најтрофеен кошаркарски колектив го добие овој руски клуб кој во својата петгодишна историја на постоење има освоено само еден трофеј - рускиот Куп.

Доколку Работнички ја мине првата квалификациска рунда, во втората ќе се пресмета против Ле Портел од Франција.

Во првата квалификациска рунда (Q1) се сместени 22 клубови од кои точно половина ќе им  се приружат на деветте кои ги чекаат во втората квалификациска рунда (Q2). Во втората квалификациска рунда ќе бидат формирани 10 парови. Победниците од овие 10 пара ќе обезбедат пласман во регуларниот дел од ФИБА Европа Купот. На нив ќе им се приклучат и 22 екипи кои нема да обезбедат пласман во регуларниот дел од Лигата на шампиони.

Првиот натпревар од Q1, македонскиот учесник Работнички ќе го одигра на 20. септември (среда) на гостински терен додека реваншот на домашен терен ќе се одигра седум дена подоцна. Натпреварите од втората квалификациска рунда ќе бидат одиграни на 4. октомври односно на 11. октомври.