13.06.2020

„Секогаш има време за подобрување“- вели крилото на нашата кадетска селекција

Павел Атанасов: Придвижување во позитивна насока

Беше составен дел од селекцијата на играли родени 2003 година која во Италија стигна до онаа планирана цел – опстанокот во Дивизијата „А“ од Еврошампионатот.

Она што го доби како задача од стана на селекторот Денис Дервишевиќ, успешно го реализираше. Даде свој придонес во успехот на нашиот кадетски национален тим. На онаа следна генерација на млади кошаркари им дадат голема шанса да го надградат нивниот успешен настап.

Тоа требаше и стана еден голем мотив за Павел Атанасов да продолжи со својата кошаркарска надградба. Како играч на Вардар продолжи во исто темпо. Но некаде „на средината“, појавата на корона вирусот го прекина сето тоа. Не му дозволи на младиот кошаркар и неговите клупски соиграчи да стигнат до планираните цели.  

Момент кој беше доволен Атанасов да направи еден своевиден рекапитулар на одработеното во онаа сезона.

Иако ситуацијата е „негативна“ , нашиот млад репрезентативец гледа позитивно на актуелната слика во која „влезе“ и македонската кошарка.  

Што правиш, како ги користиш овие денови на пауза, предизвикани од пандемијата на короновирусот?

„Деновите поминати во карантин и ограничувањата предизвикани од пандемијата на корона вирусот, ги поминувам, завршувајќи ги редовните училишни обврски преку on-line  настава, додека останатото време го посветувам на одржување на мојата физичка форма и кошаркарски вештини.

Неможноста да посетувам редовни тренинзи во рамки на КК Вардар, чиј член сум, ги надополнувам со активните on-line тренинзи препишани од страна на моите тренери од Академијата Global Squad, од САД, каде за жал, оваа година поради пандемијата со COVID19 не можев лично да присуствувам на нивниот тренинг камп, иако добив лична покана од нив за учество. Но, имајќи ја нивната максимална поддршка и посветеност кон мене, јас го користам секој момент во исполнување на нивната програма“.  

За прв пат во кариерата почувствува како е да се игра сениорска кошарка?

„Навистина можам да кажам дека играњето во сениорската лига, за мене претставуваше огромно искуство и можност да ги покажам своите квалитети, рамо до рамо со соиграчите кои се далеку повозрасни од мене. Одлично бев прифатен и се надевам дека во идниот период, од следната сезона, ќе можам уште поинтензивно да работам на себе и на тој начин да помогнам тимот да напредува“.

Како си задоволeн од оваа сезона, прекината поради „виша сила“?

„Искрен да бидам, сезоната до моментот до кој се играше во рамките на редовните активности, можеше да биде одиграна и многу подобро. Прекинот на сезоната дојде како врв на лошиот период, па се надевам дека во идниот период, без разлика дали оваа сезона ќе биде продолжена или целосно прекината, ќе донесе за мене лично, придвижување во позитивна насока. Секогаш има време за подобрување“.

Поради пандемијата нема да го играте ЕП?

„Секако, проблемите кои со себе ги донесе пандемијата, особено се одразија на настапите на ЕП и други организирани манифестации, но тоа е како што претходно споменавте, ‘виша сила’ и тука не можам ниту јас, а ниту било кој друг инволвиран во кошарката или спортот воопшто да влијае. Се надевам дека во иднина ќе имам други прилики да го покажам својот потенцијал“. 

Како понатаму, кои се твоите идни планови откако ќе се нормализира ситуацијата?

“Планови имам многу. На нивна реализација работам постепено. Се надевам дека од септември ситуацијата со COVID 19 ќе биде ставена под контрола и ќе можам сериозно да се посветам на кошарката и секако образованието, бидејќи тоа е несомнено нераздвоен процес“- се надева Атанасов на некои подобри денови.