Веројатно е еден од оние млади кошаркари кај нас за кои може да се каже дека важат за упорни.
Една таква константа го одликува Павел Данаиловски, дел од селекцијата „Под 18“ години.
Долго време беше некако во „втор план“, ја чекаше својата шанса да влезе во некоја од репрезентативните селекции. На крајот, како то тоа обично и се случува, успеа.
Си го најде своето место прво во кадетската, потоа и во јуниорската селекција на Македонија. Играше на ЕП од Дивизијта „Б“ во Сараево, потоа и на она во Орадеа, го „фати“ оној континуитет на настапи за националните селекции.
Истото го направи и на клупски план.
Веќе две години е дел од екипата Торелодонес, дел од мадридскиот регион, едне од оние кои се соочија со сериозни последици предизвикани од пандемијата на коронавирусот.
Една од причините поради која Данаиловски е одамна дома.
Kако ги поминуваш овие денови на пауза, предизвикани од пандемијата на коронавирусот?
„За жал, по појавата на вирусот, сите активности во клубот беа прекинати и јас се вратив дома. Но, физичките активности ги прилагодив на новостанатата состојба. Дома вежбам двапати дневно според кондициската програма од клубот. Поточно, трчам еден час дневно на кеј и вежбам со топка на кошот пред зграда. Но, салата со ништо не може да се замени, навистина ми недостасува“- појаснува Павел.
Како си задоволeн од оваа сезона?
„Оваа сезона бев дел од тимот U18 и сениорскиот тим на Торелодонес. Пред почетокот на сезоната, целите на тренерот, стручниот штаб и тимот од U18 селекцијата беа учество во завршницата на мадридскиот регион и обезбедување влез во шпанското првенство за U18. До тогаш, сѐ одеше по планот, бевме трето место, со обезбеден пласман на финалниот турнир. Со сениорскиот тим пак, желбата беше пласман во повисок ранг на натпреварување во следната сезона, во EБA лигата. Со овој тим бевме на четвртата позиција на табелата, и се подготвуваме за ‘Ф4’. Работите добро се одвиваа, но појавата на корона вирусот го сопре тоа. Јас сум многу задоволен од сезоната, од тренерите, клубот. Од натпреварите што ги одигравме, од моите индивидуални настапи. И искрено жалам што сезоната вака заврши“.
Нема да го одработите Европското првенство од „Б“ Дивизијата во оваа календарска година?
„Подготовките и учествата на Европските првенства за U16 и U18 претходните две години се мојот прекрасен спомен. Со двете селекции направивме голем успех, на кој сум навистина горд. Со голема желба и нетрпение ги чекав подготовките за Европското првенство и оваа година. Искрено верував дека, со моите соиграчи, ќе обезбедиме влез во ‘А’ Дивизијата за играчи ‘Под 18’ години. Но, за жал, и на националниот план останаа работите нереализирани“.
Со игрите во кадетската, односно во јуниорската селекција, се поблиску си и до оној сениорски репрезентативен сегмент?
„Играњето за националниот тим, за Македонија, е голема чест и одговорност. Јас напорно работам за да ги подобрам своите вештини и да го збогатам искуството, но со задоволство и љубов. Би сакал еден ден да дојде и тоа, но што ќе биде, ќе покаже времето“.
Како понатаму, кои се твоите идни планови?
„Во септември се враќам во Шпанија, затоа што и следната година сум во истиот клуб. Размислувам за неколку опции, но сѐ уште е рано за нешто конкретно. Се надевам дека нема ништо, никому од нас, да ни застане на патот кој сме го потцртале“- се надева Данаиловски.