Уште едно големо признание за македонските судии, овојпат од регионалната балканска лига - БИБЛ, која на завршницата од својата 13. сезона покани двајца македонски арбитри кои долго време ја делат правдата и низ Европа под значката на ФИБА – Александар Милојевиќ и Александер Павлов, и со тоа им довери голема доверба и чест да бидат дел од завршниот турнир кој ќе се одигра во Израел.
За Милојевиќ ова е трет фајнл фор, додека Павлов првпат е дел од завршницата на оваа лига во чие ковид-издание партиципираа осумнаесет клубови од регионот и Израел. Нашите двајца искусни судии, заедно со Огнен Јокиќ и Милосав Калуѓеровиќ од Црна Гора, Стилианос Сименоидис од Грција и Оффер Манхајм од Израел, го сочинуваат судискиот тим кој ќе се погрижи битката за тронот меѓу двете бугарски и двете израелски екипи да помине во најдобар ред.
Фајнл Фор турнирот ќе се одржи од 27 – 29 април во Тото арената во Холон – Израел, а учествуваат БЦ Берое и БЦ Акадамик Пловдив од Бугарија, Хапоел Холон и Хапоел Гилбоа Галил Б.Ц. од Израел.
Номинациите за полуфиналните двојки се веќе познати, па така Павлов ќе го суди првото полуфинале меѓу Берое и Академик Пловдив, додека Милојевиќ е прв судија на израелскиот полуфинален двобој меѓу Холон и Гилбоа Галил.
„На колегите им посакуваме успешно отсудени натпревари и достојно претставување на македонската судиска фела на завршницата од тринаесеттата сезона во БИБЛ лигата“. - велат нивните колеги од Скопје.
За Милојевиќ ова ќе биде и последен настап како меѓународен судија.