Битолски Пелистер ќе ја брани честа на македонската клупска кошарка во натпреварите кои се во ингеренции на ФИБА.
„Зелено-белите“ испратија пријава за учество во квалификациите за ФИБА Лигата на шампионите, кои стартуваат овој викенд.
Светската кошаркарска федерација одлучи во десеттото издание на Лигата на шампиони, квалификациите да бидаат реализирани во еден град – Самоков.
Односно во рок од неполна недела, да се одиграат три квалификациски турнири по кои најдобрите три екипи од вкупно 24, ќе се пласираат во групната фаза од ова најквалитетно натпреварување на ФИБА.
Македонскиот претставник е дел од групата „2“, а ждрепката посака во првото елиминациско коло битолчани да се сретнат со еден од топ фаворитите за пласман во наредната фаза – италијанската Реџана.

Мечот е закажан за 19.септември (петок), со почеток од 15.30 часот, а ќе се игра во новото, ултра модерно издание на комплексот „Самелион“ во овој бугарски град.
Покрај Пелистер и Реџана, во ова друштво се уште и екипите на Орадеа (Романија), која во првиот круг ќе игра против белгискиот Антверпен, турската Бурсаспор, која ќе ги одмери силите со германскиот Брауншвајг, додека доста интересен се очекува да биде и дуелот во кој ќе се сретнат екипите на ПАОК (Грција) и Дерби Студентски центар (Црна Гора).
Согласно со натпреварувачкиот „костур“ доколку биде подобар од италијанскиот претставник, Пелистер ќе се сретне со победникот од дуелот Орадеа-Антверпен. мечот со кој ќе биде отворен овој собир во Самоков.
Во случај на неуспех на дуелот со Реџана, „пелистерци“ ќе продолжат да се натпреваруваат во ФИБА Еврокупот,
Поточно, ќе бидат дел од групата „Д“ во која се екипите на Патриоти Левице (Словачка), Керавнос (Кипар), и Цедевита Јуниор (Хрватска).
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ФИБА ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ - ГРУПА „2“
ПРВО ЕЛИМИНАЦИСКО КОЛО
19.СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК)
13.15: ЦСУ Орадеа – Антверпен - 1
15.30: Реџана – Пелистер - 2
17.45: Бурсаспор – Брауншвајг - 3
20.00: ПАОК – СЦ Дерби - 4
ВТОРО ЕЛИМИНАЦИСКО КОЛО
21.СЕПТЕМВРИ (НЕДЕЛА)
13.15: Победник 1 (ЦСУ Орадеа/Антверпен – Победник 2 (Реџана/Пелистер) - 1
15.30: Победник 3 (Бурсаспор/Брауншвајг) – Победник 4 (ПАОК/СЦ Дерби) – 2
ФИНАЛЕ
23. СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК)
15.30: Победник 1 – Победник 2