Екипата на Реџана од Реџо Емилија (Италија) ќе биде противник на битолски Пелистер во првиот елиминациски круг од квалификациската група „2“ од ФИБА Лигата на шампионите.
Вака одлучи ждрепката во Лозана, која ја реализираше европската зона од Светската кошаркарска федерација со која раководеше Дејан Лекиќ, некогашниот генерален секретар на македонската кошаркарска федерација, а сега главен човек во натпреварувачкиот сектор на ФИБА Лигата на шампионите.
Македонскиот претставник е еден од осумте тимови во групата „2“ од квалификациите, а во случај да биде подобар од оној од Реџо Емилија, во полуфиналето ќе игра против подобриот од двојката ЦСМ Орадеа (Романија)-Антверпен (Белгија).

Во „горниот дел“ од натпреварувачкиот „костур“ во оваа група се уште ПАОК (Грција)-СЦ Дерби (Црна Гора), односно Бурса (Турција)-Брауншвајг (Германија).
Натпреварувањето, како што беше претходно најавено, ќе стартува на 23 септември, а ќе заврши на 28.септември.
Победникот на „групата 2“ од квалификациите, ќе биде дел од групата „Ц“ во првата, групна фаза од ФИБА Лигата на шампионите во која се уште екипите на Хувентуд (Шпанија), Хапоел Холон (Израел) и Шоле (Франција).
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ФИБА ЛИГА НА ШААМПИОНИ
ГРУПА 2
НАТПРЕВАРУВАЧКИ ДВОЈКИ
ПАОК – СЦ Дерби (1)
Бурса – Брауншвајг (2)
Реџана – Пелистер (3)
ЦСУ Орадеа – Антверпен (4)