14.12.2021

Крилото на Пелистер има најдобри бројки во овој круг од натпреварите

ПЕТОРКА НА 10. КОЛО: Кесар е првото име на лидерот во „десетката“

Игор Кесар им се врати на старите, добри навики... Да биде еден од најкорисните играчи во Пелистер, во екипата лидер во првенството. Што и не е така мала работа, ако се земе в предвид за каков играчки потенцијал станува збор, а кога се зборува за екипата од Битола.

Крилото на „пелистерци“ имаше уште еден одличен меч во шампионатот. На средбата против Гостивар, реализираше највисоки 37. индексни поени.

За нецели 33 минути, постигна 33.поени, со висока реализација од поле (12/15) и максимална од линијата за слободни фрлања (6/6). Додаде и осум скока и две асистенции.

Бранислав Ѓекиќ имаше свои минути во дуелот со Работнички, особено во второто полувреме. Високото крипо на Еуро Никел 2005 го заврши натпреварот со 24.поени. Имаше одлични (11/13 од поле), како и седум скока - за 34. индексни поени.

Марко Симоновски одигра на репрезентативно ниво во дуелот со Ангели. Бекот-шутер на Кожув постигна шест тројки (од осум обиди), имаше 22. поени, но и седум скока и пет успешни додавања за 29:18 минути во игра, или 31 индексен поен.

Димитар Караџовски беше од голема помош за Игор Кесар и за соиграчите од Пелистер во десетиот, по ред, успех во првенството. Освен 22. поени, искусниот бек на „зелено-белите“ имаше и три асистенции и два скока за 35.минути во игра.

Андреј Митревски пак беше „меч-винер“ за Феникс 2010 во изненадувачкиот триумф на Феникс 2010 против актуелниот бранител на титулата, МЗТ Скопје Аеродром. Младиот репрезентативец ја погоди одлучувачката тројка, со звукот на сирената во продолжението од пет минути. На крајот зад неговото презиме останаа запишан дабл-дабл учинок од 18. поени и 11 скока, плус и пет асистенции, две освоени и четири загубени топки за неверојатни 44:22 минути во игра.  

ПРВА ПЕТОРКА

Игор Кесар (Пелистер)

Бранислав Ѓекиќ (Еуро Никел 2005)

Марко Симоновски (Кожув)

Димитар Караџовски (Пелистер)

Андреј Митревски (Феникс 2010)

ВТОРА ПЕТОРКА

Чаз Вилијамс (Кожув)

Виктор Златевски (Работнички)

Дамјан Крстевски (Ангели)

Никола Силаџи (Гостивар)

Били Ајви (Навико Академија ФМП)