28.12.2021

Екс-репрезентативците беа во главните улоги на супер возбудливиот меч

ПЕТОРКА НА 12. КОЛО ВО ПРВАТА ЛИГА-МАЖИ: Соколов и Јанески за спектакуларен меч во Гостивар!

Натпреварот Гостивар-Еуро Никел 2005 иако последен, се покажа како еден од најдобрите во првиот дел од сезоната во Првата лига. Прво затоа што беа реализирани 211 поени. Второ, се играа две продолженија од по пет минути, и трето, ако се мери оној индивидуален ефект, поради две одлични поединечни остварувања.

Ги направија Марјан Јанески од едната, и Дарко Соколов од другата страна на теренот. Двајцата поранешни репрезентативци имаа свои минути на овој крајно возбудлив, на крајот и драматичен натпревар, во кој на крајот победата ја однесоа гостиварци.

ДАРКО СОКОЛОВ (ЕУРО НИКЕЛ 2005)

Но искусниот бек на екипата од Кавадарци имаше најдобри статистички показатели. Постигна 30.поени (исто колку што имаше и Јанески), со одлична реализација во шутот од поле (13/18 односно 68%), максимална од линијата за слободни фрлања (3/3). Но затоа пак имаше и феноменални, за играч на бековската позиција, 13 скока. Плус и четири асистенции и една освоена топка за 46.минути поминати во игра.

И индекс -42!

МАРЈАН ЈАНЕСКИ (ГОСТИВАР)

Марјан Јанески пак овој фантастичен натпревар во „Младост“ го заокружи со 33. индексни поени. Финишираше со реализација на 30.поени. Беше одличен во шутот, (5/8) за три, односно (5/6) за два поени, но и од линијата за слободни фрлања (5/7). Оствари уште шест скока, три освоени топки, и по една асистенција и блокада за 39.минути во игра.

Вториот натпревар кој го одбележија одлични инидивидуални постигнувања беше оној во „Кале“ во кој ТФТ славеше сигурен триумф над гевгелиски Кожув.

АМИР СМИТ (ТФТ)

Во централна улога (според бројот на индексните поени), во домашната екипа беше Амир Смит.

„Небесниот скокач“ на тимот од Тафталиџе го заврши мечот со дабл-дабл учинок изразен со 21.поен и 15. скока (шест од нив офанзивни). Имаше респектабилни (9/15) во шутот од игра, но и по една блокада, освоена односно загубена топка за 27:16 минути поминати на паркетот.

Сето тоа за индекс-28.

ЧЕЗ ВИЛИЈАМС (КОЖУВ)

Чез Вилијамс одигра нешто помалку 38:11 минути, а му недостасуваа само уште три додавања до троен ефект. Средбата со ТФТ американскиот бек ја заврши со 26.поени, 10. скока и 7.асистенции, а имаше и по две освоени односно загубени топки за тоа време поминато во игра. Или 30. индексни поени.

ИГОР КЕСАР (ПЕЛИСТЕР)

Петорката на последното коло во календарската 2021 се затвора со уште еден одличен ефект кој го реализираше Игор Кесар.

Силното крило на „пелистерци“ беше најкорисниот играч на дербито во „Јане Сандански“ во кое неговата екипа ја потврди лидерската позиција.

За 34:40 минути реализираше 30.поени (9/17 од поле и 7/7 од линијата за слободни фрлања), плус и седум скока, три асистенции. Доволно за 29. индексни поени.

ПРВА ПЕТОРКА

Дарко Соколов (Еуро Никел 2005)    42

Марјан Јанески (Гостивар)        33

Чаз Вилијамс (Кожув)     30

Игор Кесар (Пелистер)   29

Амир Смит (ТФТ)   28

ВТОРА ПЕТОРКА

Марко Симоновски (Кожув)     28

Џексон Пол (Работнички)         28

Меквејн (Куманово 2009)         25

Стефан Глигоријевиќ (Куманово 2009)        25

Били Ајви (Навико Академија ФМП) 25