Многу ретко, особено во оваа првенствена сезона се случува(ше) во едно коло од Првата лига-мажи двајца играчи да имаат ист број на индексни поени.
Ова е случај и во 21. коло, во кое Амир Смит (ТФТ) и Дамјан Крстевски (Ангели) дојдоа до ист индекс на корисност-35!
До овој ефект Смит дојде преку реализација на 17.поени, со висок процент во обидите за два поени (6/10). На дуелот против Навико Академија ФМП имаше и 5/6 од линијата за слободни фрлања, но и за него стандардни 13 скока (пет офанзивни), плус пет освоени топки, четири блокади и едно додавање за 32:08 минути во игра.
Дамјан Крстевски ја одигра својата најдобра игра како играч на Ангели. На средбата со Кожув, младиот кошаркар дојде до ефект од 25.поени (4/7 за три, 6/6 за два и 1/1 за еден поен). За сите 40.минути кои ги помина во игра, придодаде и девет скока, три освоени топки, како и по една блокада и асистенција.
Се заедно за идентични 35 индексни поени како и Амир Смит!
Стандардот на добри игри и во оваа сезона го одржува и Александар Костоски. Бекот на ТФТ беше еден од иницијаторите за пресвртот на средбата против Навико Академија ФМП.
На крајот на мечот во СРЦ „Кале“, за 37:44 минути во игра, дојде до 25.поени (3/9 за три и 6/8 за два, и 4/5 за еден поен). Додаде и шест асистенции, четири скока, имаше една освоена и две загубени топки, за индекс-25.
Ист учинок од 25. индексни поени во овој претпоследен круг од натпреварите има и крилниот центар на Кожув, Намбди Оконкво.
Во победата против екипата на Ангели, запиша 18.поени, со 70% на реализација во шутот за два поени (7/10) и максимални 4/4 од линијата за слободни фрлања. Имаше и девет скока, пет блокади и четири загубени топки за 28:25 минути поминати на теренот во салата „Независна Македонија“ во Скопје.
Најдобрите пет во 21.коло ги заокружува ефектот кој го има Дарко Соколов. Искусниот бек на Еуро Никел 2005 на натпреварот со Работнички во Скопје, беше на четири додавања до трипл дабл ефект.
Освен шест асистенции, екс-репрезентативецот имаше 12.поени (1/3 за три, 3/6 за два, и 3/4 за еден поен. Но имаше и десет скока и две освоени топки за 33:47 минути во игра.
ПРВА ПЕТОРКА
Амир Смит (ТФТ) 35
Дамјан Крстевски (Ангели) 35
Александар Костоски (ТФТ) 25
Намбди Оконкво (Кожув) 24
Дарко Соколов (Еуро Никел 2005) 24
ВТОРА ПЕТОРКА
Игор Кесар (Пелистер) 24
Војдан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром) 22
Никола Малешевиќ (Пелистер) 21
Џексон Дубински (Еуро Никел 2005) 21
Андреј Андоноски (МЗТ Скопје Уни Банка) 21