11.04.2022

И двајцата искусни кошаркари беа многу блиску до троен ефект во последното коло од регуларниот дел од првенството

ПЕТОРКА НА 22. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Малешевиќ и Трајковски најдобри во последниот круг

Никола Малешевиќ од Пелистер, и Бојан Трајковски од Феникс 2010 се играчите кои го одбележаа последното коло од првата фаза од Првата лига-мажи.

Крилото на Пелистер беше најзаслужниот што лидерот на табелата со победа над ТФТ (110:106) го затвори овој дел од сезоната. Стартерот кај „пелистерци“ реализираше 38. поени, и тоа со висок процент на реализација во шутот од поле (13/19), беспрекорни (10/10) од линијата за слободни фрлања. Но и осум скока, четири асистенции, две загубени и една освоена топка за 36:33 минути во игра, за 43. индексни поени

Својата најдобра игра како играч на Феникс 2010, Бојан Трајковски ја одбележа со одлични бројки. Беше многу блиску до троен ефект искусниот крилен играч. За 37.минути во игра, реализираше 29.поени (2/5 за три, 8/12 за два и 7/9 за еден поен), додаде и 12. скока (четири офанзивни), и му недостасуваа само уште две успешни додавања до соиграчите за трипл-дабл.

Имаше и две блокади, четири загубени и една освоена топка и 39. индексни поени.

Амир Смит прикажа уште една стандардна игра, макар што неговата екипа, ТФТ, не го круниса тоа со успех на гостувањето во Битола. Стигна до уште еден дабл-дабл од 15.поени (6/8 за два поени и 3/4 за еден), 10.скока, и две асистенции и една украдена топка, со кои дојде до индекс – 25.

Нешто послаби се ефектите на Ненад Зивчевиќ (Куманово 2009) и Роберт Рикиќ (МЗТ Скопје Аеродром) со кои се заокружува најдобрата петорка на 22. коло.

Двајцата собраа по 22. индексни поени.

Зивчевиќ се врати во составот на кумановци, а тоа беше „видливо“ во успехот на средбата против Работнички. Искусното крило постигна 15.поени (5/9 за два и 5/7 за еден поен), но имаше и осум скока, шест асистенции за 33:43 минути на теренот.

Робет Рикиќ делуваше доминантно на средбата со Навико Академија ФМП. За нецели 18.минути високиот хрватски центар дојде до скор од 17.поени (5/8 за два и 7/9 за еден поен), дополнети со пет скока и пет блокади.

ПРВА ПЕТОРКА

Никола Малешевиќ (Пелистер)          43

Бојан Трајковски (Феникс 2010)         39

Амир Смит (ТФТ)   25

Ненад Зивчевиќ (Куманово 2009)     22

Роберт Рикиќ (МЗТ Скопје Аеродром)         22

ВТОРА ПЕТОРКА

Двејн Морган (Феникс 2010)   22

Грифин Раме (Ангели)    22

Џошуа Вилијамс (Феникс 2010)          21

Игор Кесар (Пелистер)   21

Душан Јусбашиќ (Куманово 2009)     21

*најдобрите петорки на колото се формираат врз база на бројот на индексни поени