Ниту четврттото првенствено коло од натпреварите во првата „Мтел“ лига, не беше исклучок во однос на оние претходните, кога се „мери“ оној индивидуален ефект. Извесно е дека поголем дел од екипите со засилија со доста нови играчи, особено во оној странски дел, па оттука и „појавата“ на нови имиња во изборот на најдобрите иднивидуални остварувања.
Радува што во оние ТОП 10 може да споменеме дека има и домашен квалитет...
МАЈКЛ ЕДВАРДС (ПЕЛИСТЕР)
Одигра одлично, од оној индивидуален аспект, но тоа не беше доволно за неговиот тим го избегне првиот првенствен пораз во новата сезона.
Силното крило на екипата од Битола дојде до двоен ефект на гостувањето во Гостивар. Реализираше 26.поени, со висок процент на реализација во шутот од поле (11/15 за два поени), солидно, 4/7 од линијата за слободни фрлања. Освен тоа имаше и 13. скока (девет од нив во фазата на нападот), но и три освоени топки, една загубена, и една асистенција за 38:17 минути на теренот, што прави збир од 35.индексни поени, најмногу во 4. коло од Првата „Мтел“ лига.
БРЕНДОН СЛАЈ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)
Беше вистински двигател на играта на шампионот во дуелот со МКК Куманово. Особено добар во фазата на нападот, поточно во оној шутерски сегмент. Имаше само два нереализирани обиди од игра. Погоди шест тројки (од седум обиди) и четири „двојки“ (од пет обиди), како и едно слободно фрлање. А за нецели 28.минути во игра, додаде и четири скока, три асистенции, две освоени и една загубена топка, за индекс 33.
КАРЕН ВИЛСОН (КОЖУВ)
Еден од стартерите во тимот на Кожув кој прикажа најмногу на средбата со Тиквеш Голден Игл. Одигра скоро 36.минути во кои реализираше 24.поени, со висок процент на реализација во шутот (4/5 за три, 3/4 за два и 6/7 за еден поен). Освен тоа имаше и седум успешни додавања, три скока, и три загубени топки – односно сето тоа за индекс 28.
ИМРАН ПОЛУТАК (РАБОТНИЧКИ)
Стандардно добар и во фазата на одвраната, а на средбата со Чаир 2030 посебно во фазата на нападот. Фактот дека беше прв стрелец во тимот, а даде 27.поени на овој дерби дуел од 4. коло, покажува доста.
Имаше високи 10/14 во обидите за два поени, погоди и една тројка од двата обиди, и четири слободни фрлања (од седум шута). За 38 минути во игра, додаде уште и осум скока, имаше две асистенции, две загубени топки и една блокада, односно индекс 28.
СТРАХИЛ НИКОЛОВ (ТФТ)
Почетокот на сезоната, кога станува збор за новиот лидер на табелата, ТФТ, се чини дека поминува во знакот на игрите на поранешниот репрезентативец. Го задржа својот „стандард“ и на средбата со Феникс, која „црно-белите“ ја добија релативно лесно.
Оствари дабл-дабл учинок, изразен преку реализација на 16.поени (7/12 за два поени), 12. скока (четири офанзивни), но и уште седум успешни додавања до соиграчите, три освоени, исто толку загубени топки, две блокади за 31.минута помината во игра, и индекс 27.
ПРВА ПЕТОРКА
Мајкл Едвардс (Пелистер)
Брендон Слај (МЗТ Скопје Аеродром)
Карен Вилсон (Кожув)
Имран Полутак (Работнички)
Страхил Николов (ТФТ)
ВТОРА ПЕТОРКА
Бенџамин Стивенс (Вардар)
Дамјан Робев (Работнички)
Грегори Трибл (Шкупи)
Монтавиус Марфи (Феникс 2010)
Хавиер Родес (Гостивар)
*Петорките се правени според бројот на индексни поени