Дерби-дуелот во Чаир, каде гостуваше шампионот, екипата на МЗТ Скопје Аеродром, го одбележи петтото првенствено коло од Првата „Мтел“ лига. Натпревар во кој во главен лик се претвори Диванте Мофит.
Коло во кое највисок индекс сепак имаше Андрија Стевановиќ, но играчот на Кожув, остана без тимски успех, ќе го побара во некоја наредна прилика...
АНДРИЈА СТЕВАНОВИЌ (КОЖУВ)
Одигра уште еден одличен натпревар за екипата на Гевгелија, но уште еднаш тоа се покажа како недоволно добро за тимски успех. За 34:40 минути во игра, дојде до двоен ефект, беше изразен со реализација на 30.поени (3/9 за три, 9/16 за два и 3/3 за еден поен), дополнети со уште десет скока (два офанзивни), четири асистенции, четири загубени топки, и по една блокада и освоена топка, за индекс 28.
ДИВАНТЕ МОФИТ (ЧАИР 2030)
Како одминуваа минутите во дербито со актуелниот шампион, така растеше и неговата самодоверба. Практично се претвори во меч-винер за екипата од Чаир, беше најдобар кога за то беше и најпотребно за да се дојде до успех во исклучително важниот меч за двете екипи.
Реализираше најмногу поени, 31, со висок процент на реализација, особено во обидите за два поени (12/19), имаше и 4/5 од линијата за слободни фрлања, и една тројка (од три обиди). Освен тоа додаде и четири асистенции, два скока, две освоени, и исто толку загубени топки за повеќе од 40.минути кои ги помина на теренот во салата „Шабан Трстена“.
А сето тоа заедно му донесе индекс-27.
ТОДОР ЗЛАТЕВ (ТИКВЕШ ГОЛДЕН ИГЛ)
Заедно со Мајкл Грин, творец на вториот успех на екипата од Кавадарци во новата сезона. Младиот бек доби голема минута, скоро 34.минути. Ја искористи сосема добро.
Постигна 21.поен (1/4 за три поени, 8/8 за дба и 2/3 од линијата за слободни фрлања), но и девет скока, две асистенции, четири загубени топки, и една освоена, за индекс 25.
БРАЈАН АНТОАН (ПЕЛИСТЕР)
Има се поголема доверба која ја добива од тренерот Петровиќ. Ја користи сосема добро, што беше евидентирано и на средбата со Кожув. Онаа во која за скоро 31.минута на теренот, запиша учинок од 21.поен (2/4 за три, 3/6 за два и максимални 9/9 во обидите вредни по еден поен). За тоа време дополни и со осум скока, две освоени и една загубена топка, односно 25 индексни поени.
ДЕКОН ВИЛИЈАМС (ШКУПИ)
Уште еден играч кој имаше одличен индивидуален настап, но неговата екипа, во овој случај, Шкупи, останаа без посакуваната цел.
Одигра нешто преку 34.минути, период во кој запиша дабл-дабл ефект. Имаше 16.поени (6/10 во обидите за два поени и 4/6 од линијата за слободни фрлања), но и 12. скока (четири од нив во фазата на нападот), проследени со четири блокади и две загубени топки, и индекс 25.
ПРВА ПЕТОРКА
Андрија Стевановиќ (Кожув)
Диванте Мофит (Чаир 2030)
Тодор Златев (Тиквеш Голден Игл)
Брајан Антоан (Пелистер)
Декон Вилијамс (Шкупи)
ВТОРА ПЕТОРКА
Мајкл Грин (Тиквеш Голден Игл)
Џексон Дубински (Работнички)
Стефан Глигоријевиќ (Тиквеш Голден Игл)
Бобан Стајиќ (Пелистер)
Ѓорѓи Зафиров (ТФТ)
*Петорките се правени според бројот на индексни поени