18.11.2024

Бекот на Шкупи максимално ги искористи своите минути и заедно со ефектот на Дерин Говенс, се најдобрите во овој круг од натпреварите

ПЕТОРКА НА 7. КОЛО „МТЕЛ“ ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Блесок на Борјан Стојановски, бодови за Шкупи во Битола

Ретки се оние моменти, но „се тука“, и во рамките на реалноста. Се случуваа овој викенд, во кој изненадувањето, она најголемото, беше во Битола.

Го креираа кошаркарите на Шкупи, кои стигнаа до голема победа во мечот со Пелистер, а во „преден план“ беше „трилингот“ Борјан Стојановски, Закор Арчи и Декон Вилијамс...

БОРЈАН СТОЈАНОВСКИ (ШКУПИ)

Долго време „се бараше“ себеси, не само во дресот на Шкупи, туку и во некои претодни месеци, години.. По се изгледа дека конечно се „пронајде“ себеси во „сино-белата“ комбинација на Шкупи.

Извесно, гледајќи и според бројките во статистиката, ова беше и неговиот најдобар меч, прволигашки. Одигра дури 34.минути во Битола, „врати“ на довербата со дабл-дабл ефект. Изразен со реализација на 23.поени, до кои дојде со висок процент на реализација во шутот од поле (11/14 односно 78%). Но, освен тоа додаде и десет скока (четири офанзивни), несвојствено за еден бек, како и две асистенции, две блокади, две загубени и една освоена топка, односно за индекс 31, највисок во оваа првенствена рунда.

ДЕРИН ГОВЕНС (ТФТ)

Неговата одлична шутерска вечер, не беше крунисана и со победа во дерби дуечот против екипата на Чаир 2030. Одигра повеќе од 40.минути во мечот кој имаше продолжение од пет. А реализираше 31.поен (5/10 за три, 5/7 за два поени и 6/9 од линијата за слободни фрлања). Имаше и осум асистенции, два скока, четири освоени и исто толку загубени топки, и индекс 31.

ДЕКОН ВИЛИЈАМС (ШКУПИ)

Во втората, по ред, победа, од вкупно три, и досега најголемата, на гостински терен против Пелистер, реализираше нов дабл-дабл ефект. Ги одигра сите 40.минути, и без замена, постигна 20.поени (9/17 за два и 2/5 за еден поен), на кои додаде и 13.скока (пет офанзивни), плус и три успешни додавања, три блокади и една освоена топка, за индекс 29.

ДЕЈВИД РОЛИНС (ЧАИР 2030)

Меч-винер за чаирчани во дербито со ТФТ во СРЦ „Кале“, дефинитивно.

Кога беше најпотребно, делуваше без грешка, особено во напаѓачките активности, и му донесе на својот тим повеќе од важна победа со која се изедначија со противникот на врвот на првенствената табела.

Изненадувачки делува податокот дека ги одигра сите 45.минути на овој меч. Значи играше „без право на замена“, што дава дополнителна „тежина“ на оние негови 28.реализации (8/14 во шутот за три, и 2/3 за два поени).

ИМРАН ПОЛУТАК (РАБОТНИЧКИ)

Уште една, стандардно добра игра имаше центарот на „црвено-белите“, која донесе резултат на гостувањето во Кавадарци. Остана на теренот во „Јасмин“ скоро 32.минути, период во кој дојде до двоен ефект, изразен преку реализација на 20.поени (2/3 за три, 5/10 за два, и 4/9 за еден поен). Додаде и 12.скока, (дури седум од нив офанзивни), но и пет асистенции, две блокади, три загубени топки и една освоена, сето тоа заедно за индекс 26.

ПРВА ПЕТОРКА

Борјан Стојановски (Шкупи)

Дерин Говенс (ТФТ)

Декон Вилијамс (Шкупи)

Дејвид Ролинс (Чаир 2030)

Имран Полутак (Работнички)

ВТОРА ПЕТОРКА

Закор Арчи (Шкупи)

Андреј Андоноски (МЗТ Скопје Аеродром)

Брајан Антоан (Пелистер)

Александар Радукиќ (МКК Куманово)

Фран Пилепиќ (Кожув)

*Петорките се правени според бројот на индексни поени