02.12.2024

Четири играчи од оние кои се во ТОП 5 имаа „дабл-дабл“ во колоните на поени и на скокови...

ПЕТОРКА НА 8. КОЛО „МТЕЛ“ ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Коло на „двојни ефекти“

Осмиот круг од натпреварите во првата „Мтел“ лигата донесе доста добри индивидиуални остварувања. Но, некако во „преден план“ влегува податокот кој вели дека дел од нив се „двојни“. Односно играчите кои се најдоа во изборот за петорка на колото, имаа двоен број во колоните на поени и на скокови...

ИМРАН ПОЛУТАК (РАБОТНИЧКИ)

Стандардно добра игра имаше центарот на „црвено-белите“ и на дерби дуелот со екипата на Пелистер, согласно со бројот на индексните поени, 34, можеби и најдобрата во изминатиот период.

Одигра повеќе од 36.минути, период во кој реализираше двоен ефект, односно 28.поени (10/18 во обидите за два поени и 5/6 за еден поен), плус и 14.скока (четири офанзивни), две асистенции, две освоени топки и само една загубена.  

УРОШ ЛУКОВИЌ (МКК КУМАНОВО)

Одигра на ниво какво што кумановци посакуваат да биде. Да ја „држи“ одбраната, а во нападот да даде свој придонес, токму онака како што беше на средбата со Шкупи.

Највисокиот играч во нашата Прва лига дојде до ефект од 22.поени (10/15 во обидите вредни по два поени, и 2/4 од линијата за слободни фрлања). Посебно импресивни се оние 19.скока (седум офанзивни), дополнети и со три асистенции и две блокади за 32:44 минути во кои се „избори“ за 34.индексни поени.   

ТОМАС КВЕРИ (ТИКВЕШ ГОЛДЕН ИГЛ)

Ја презема улогата на поентер во отсуство на Мајкл Грин, кој си замина од клубот од Кавадарци. Барем така беше на средбата со Чаир 2030, во која Тиквеш Голден Игл беше далеку од успех.

Но стартерот на екипата од Кавадарци имаше одличен индивидуален ефект изразен со 24.поени (5/9 во шутот за три поени, 4/9 за два и 1/1 за еден поен), но и 14.скока (пет напаѓачки), две асистенции, и по една блокада и освоена топка за 33:21 минута на теренот. Односно сето тоа доволно за индекс 32.

ХУСЕИН БАЈРАМ (ВАРДАР)

Младиот тим на Вардар беше многу блиску до изненадување во дуелот со ТФТ. Дури имаа и шут за победа против лидерот на прволигашката табела. А одличниот бек-шутер на „црвено-црните“ може само да жали поради крајниот исход. Но не и за прикажаното на теренот.

Одигра 35.минути во кои забележа 31.поен (6/12 во обидите за три поени, 5/8 за два односно 3/5 од линијата за слободни фрлања). На тоа додаде и четири скока, три додавања, интересно и три блокади, за индекс 25.

АМАР ХОТ (РАБОТНИЧКИ)

Максимално добро ги искористи дадените минути условени со „скратената ротација“. Младиот крилен кошаркар на Работнички исто така дојде од дабл-дабл скор. Евидентиран со реализација на 14.поени (1/1 за три, 5/10 за два и 1/2 за еден поен), 12 скока (пет во фазата на нападот), а за 31:35 минути имаше и по една асистенција, освоена и загубена топка, доволно за индекс 21.

ПРВА ПЕТОРКА

Имран Полутак (Работнички)

Урош Луковиќ (МКК Куманово)

Томас Квери (Тиквеш Голден Игл)

Хусеин Бајрам (Вардар)

Амар Хот (Работнички)

ВТОРА ПЕТОРКА

Мајлс Хауард (Кожув)

Тејвион Кирк (Чаир 2030)

Дамјан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)

Исаја Кели (Чаир 2030)

Андреј Митревски (Феникс 2010)

*Петорките се правени според бројот на индексни поени