10.12.2024

Двоецот на МКК Куманово креираше неверојатен пресврт и победа против Работнички

ПЕТОРКА НА 9. КОЛО „МТЕЛ“ ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Почна Радукиќ, заврши Луковиќ, за големо славење во Куманово

Неверојатна завршница имаше еден од дерби-натпреварите на 9.коло, одигран во салата „Перо Наков“. Креатори беа Александар Радукиќ и Урош Луковиќ, кои поразот го претворија во голема победа на МКК Куманово против Работнички...

АЛЕКСАНДАР РАДУКИЌ (МКК КУМАНОВО)

И претходно, неговите игри можеа да се оценат како стандардно добри, но оваа на средбата со Работнички освен што беше добитничка, беше можеби и најкорисна, „најрентабилна“.

Можеби Луковиќ погоди за победа, но за да дојдат до тој момент, кумановци треба да му заблагодарат на Радукиќ, кој одигра скоро перфектно во последната четвртина, онаа решавачката.

На крајот, стигна и наградата, победата против големиот противник во која „учествуваше“ со 31.поен (3/5 за три, 9/12 за два и 4/4 за еден поен), но и осум скока, шест асистенции, имаше и две загубени топки за 38:29 минути во игра. Сето тоа за висок индекс – 38!

АЛЕКСАНДАР ПАНТЕЛИЌ (ТИКВЕШ ГОЛДЕН ИГЛ)

Заедно со Глигоријевиќ, потоа и Марјановиќ спречија големо изненадување, односно победа на Вардар на гостински терен во Кавадарци. Покажа стабилност во играта, одигра максимално и во нападот, потоа и во одбраната. Посебно добар во оние офанзивни активности, во кои за нецели 36.минути поминати на теренот, дојде до ефект од 30.поени (5/9 за три, 6/12 за два и 3/3 за еден поен), 11 скока (три офанзивни), четири асистенции, две загубени топки и една блокада, за индекс 34, втор во овој круг од натпреварите во Првата „Мтел“ лига.

УРОШ ЛУКОВИЌ (МКК КУМАНОВО)

Куманово беше пред пораз, но го имаше Урош Луковиќ, за кого никогаш нема загубен меч. Па така и овој против Работнички во кој највисокиот играч на теренот го имаше и најдобриот потег – победничкиот. Погоди невиден обид во последната секунда, вреден три поени, но и победа.

За него тоа беше 20.поен на средбата која се претвори во драматична. Освен тој точен обид, имаше висок процент на реализација од поле (7/12 за два поени и 3/4 од линијата за слободни фрлања). Но тоа не беше се од него, затоа што дојде и до 15. скока (пет во фазата на нападот), и по една асистенција, освоена, односно загубена топка, и индекс 30.

ЏЕКСОН ДУБИНСКИ (РАБОТНИЧКИ)

Неговиот учинок, особено во последната четвртина, на крајот се покажа како недоволен за Работнички да го „преживее“ гостувањето во Куманово. Погоди многу важна тројка потоа уште две слободни фрлања, но „пресуди“ неверојатната тројка на Луковиќ.

Остана запишано дека бекот на „црвено-белите“ завршил со 21.поен (4/5 за три, 3/6 за два и 3/3 за еден поен), дополнети со седум успешни додавања, четири скока, две загубени топки, една освоена, сето тоа за 28:48 минути во игра, односно 27 индексни поени.

ДАРИН ГОВЕНС (ТФТ)

Беше, веројатно и прв „фактор“ за големата победа на ТФТ во дерби дуелот со актуелниот шампион. Имаше константност во играта, и со довербата која ја има кај стручниот штаб, доби и најголем шутерски простор. Го искористи доста добро. Дојде до 24.поени, најмногу во победничката екипа. Погоди четири тројки (од девет обиди), имаше и 5/6 во оние вредни по два поени. Најслаб му е ефектот од линијата за слободни фрлања (2/6). Но освен тоа имаше и седум скока, пет успешни додавања, две освоени и четири загубени топки за 33:50 минути во игра, или 24 индексни поени.

ПРВА ПЕТОРКА

Александар Радукиќ (МКК Куманово)

Александар Пантелиќ (Тиквеш Голден Игл)

Урош Луковиќ (МКК Куманово)

Дарин Говенс (ТФТ)

Џексон Дубински (Работнички)

ВТОРА ПЕТОРКА

Христијан Настовски (Вардар)

Илија Колев (Кожув)

Младен Грушановиќ (Гостивар)

Марјан Младеновиќ (Тиквеш Голден Игл)

Бобан Стајиќ (Пелистер)

*Петорките се правени според бројот на индексни поени