29.03.2023

Одлични индивидуални перформанси во 19. првенствено коло на неколку искусни кошаркари

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Џелетовиќ, Хаџифејзовиќ, Трајковски, Стајиќ...

Она што радува е дека најдобрата петорка на 19. коло е составена и од домашни играчи, во овој случај Бојан Трајковски од Феникс 2010 и Бобан Стајиќ (Пелистер).

ЃОРЃЕ ЏЕЛЕТОВИЌ (РАБОТНИЧКИ)

Втора недела по ред е во изборот на најдобрата петорка. Овојпат има и најголем број на индексни поени.

Иако Куманово 2009 не е противник по мерка, сепак тоа не му посмета на новиот играч во тимот на Димитар Мираковски повторно да има одлични бројки.

Имаше доста поголем број на минути, вкупно 37:20, период во кој стигна до дабл-дабл ефект. Изразен со реализација 30 поени (6/9 за три и 6/9 за два поени), додаде и 12. скока, две асистенции, две блокади, една освоена топка и две загубени топки, сето тоа доволно за индекс-38, најмногу во овој круг од натпреварите. 

СЕАД ХАЏИФЕЈЗОВИЌ (ПЕЛИСТЕР)

Важи за „пелистерска константа“ во текот на сезоната. Има стандардно добри игри, а така беше и на гостински терен во Гевгелија. Силното крило на „зелено-белите“ го задржа својот поентерски континуитет со реализација на 24.поени (8/11 за два и 8/10 за еден поен), кој го дополни со 11. скока, две освоени топки, како и една асистенција и блокада за 27:37 минути во игра – и индекс 33.

БОЈАН ТРАЈКОВСКИ (ФЕНИКС 2010)

Најискусниот играч во тимот, прикажа уште една ол-раунд игра, која ја заокружи со дабл-дабл ефект. Но за жал и за него и за неговата екипа, тоа не беше доволно за да се излезе како победник во мечот против екипата на ТФТ Mozzart.

Имаше сосема солиден процент на реализација (3/9 за три, 5/9 за два и 8/11 за еден поен). Но освен тоа и 14. скока, пет асистенции, две освоени и четири загубени топки, сето тоа за индекс -31, и место во идеалните пет на 19. коло.

БОБАН СТАЈИЌ (ПЕЛИСТЕР)

Имаше навистина репрезентативно издание на средбата со Кожув. Бекот на екипата од Битола, беше вистински двигател на играта на гостинскиот тим на гостувањето на Југот. Остана долго на теренот, 33:46 минути, а беше блиску до двоен ефект. Поточно постигна 20. поени (4/6 за три, 3/7 за два и 2/2 за еден поен). Додаде и осум скока, пет успешни додавања, а имаше и по две освоени, односно загубени топки за тоа време во игра, и индекс 27.

НЕДИМ МУСТАФИЦА (ЧАИР 2030)

Преминот од Битола во Чаир се покажа како добро решение за дебитантот во друштвото на најдобрите.

Силното крило повторно имаше свои добри минути, сега и на средбата со Гостивар, но неговиот индивидуален ефекет на крајот беше недоволен за нов успех на екипата од Чаир.

Како стартер, ги одигра сите 40. минути на овој натпревар. Дојде до двоен ефект изразен преку 21 постигнат поен (ги погоди сите десет обиди вредни по два поени). Имаше и исто толку скокови, плус и три асситенции, три загубени топки, две освоени и една блокада.

ПРВА ПЕТОРКА

Ѓорѓе Џелетовиќ (Работнички)

Сеад Хаџифејзовиќ (Пелистер)

Бојан Трајковски (Феникс 2010)

Бобан Стајиќ (Пелистер)

Недим Мустафица (Чаир 2030)

 

ВТОРА ПЕТОРКА

Јуре Планиниќ (Еуро Никел 2005)

Маск Смит Мексвејн (Навико Академија ФМП)

Арсение Вучковиќ (Гостивар)

Виктор Ефремовски (Гостивар)

Александар Костоски (ТФТ Mozzart)

*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени