04.12.2023

Во десеттото коло, Еуро Никел 2005 со еден колективен пристап однесе голема победа од Чаир

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Двоецот Мофит-Корбет, недоволен за победа

Овој круг од натпреварите уште еднаш покажа дека некоја екипа може да има одлични индивидуалци, но и дека тоа не е знак за победа.

Таков беше случајот во салата „Шабан Трстена“ во саботата навечер, кога индивидуалните изведби на двајцата најдобри играчи на Чаир 2030, Диванте Мофит и Тајр Корбет се покажаа како недоволни за нова победа.

Уште еднаш во овој прв дел од сезоната потврдија дека се одлични индивидуалци, но овојпат победи колективот – оној на Еуро Никел 2005.

ДИВАНТЕ МОФИТ (ЧАИР 2030)

Извесно, првиот стрелец во лигата својски се трудеше, но во оваа прилика не беше и доволно за Чаир 2030 да однесе уште една победа во првенството. За 36:12 минути во игра, дојде до извонредни 38.поени (4/6 за три, 8/13 за два и 10/12 во обидите вредни по еден поен). Додаде и шест асистенции, еден скок. Имаше и по три освоени, и исто толку загубени топки, дури и една блокада. Сето тоа за индекс 36, далеку најдобро во ова коло во однос на конкуренцијата.

ТАЈР КОРБЕТ (ЧАИР 2030)

Истата констатација важи и за високото крило на чаирани. Го следеше својот соиграч во оние офанзивни активности. На крајот, застана на дабл-дабл скор, изразен преку 28.поени (3/7 за три, 7/13 за два и 5/5 за еден поен), 11. скока (шест од нив офанзивни), две загубени топки, една освоена и една блокада за 38:39 минути на теренот, и индекс 29.

АЈРЕН БРУКС (НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП)

Полека се промовира како лидер на екипата од Кисела Вода. Го потврди тоа и на теренот, во дуелот со Пелистер. Макар што неговиот одличен индивидуален настап не беше доволен за Навико Академија ФМП ја продолжи серијата на успешни игри. Имаше двоен ефект, од 22.поени (3/7 за три, 6/9 за два и 1/2 за еден поен), десет скока (три од нив во напад), три асистенции, исто толку освоени топки, две загубени и една блокада – или индекс 28!

СТЕФАН МИЈОВИЌ (ПЕЛИСТЕР)

На другата страна на теренот доминираа двајца играчи во „зелено-бела“ комбинација. Еден од нив беше српскиот интернационалец, кој средбата во „Независна Македонија“ ја заокружи со 27 индексни единици.

Му беа потребни 29:55 минути, во кои дојде до 26.поени (4/7 за три, 5/8 за два и 4/4 за еден поен) четири скока, две додавања, две освоени топки, една загубена и уште една блокада, како дел од стартната петорка на тимот од Битола.

АНДРЕЈ МАГДЕВСКИ (ПЕЛИСТЕР)

Одлична поддршка, како и другите соиграчи, доби од репрезентативниот бек. Максимално рационално одигра организаторот на играта на „пелистерци“ на овој натпревар, на кој за 24:20 минути, испорача по 12 поени (1/2 за три, 4/6 за два  и 1/1 за еден поен), исто толку успешни додавања, но и три украдени тлии, две загубени топки. А стигна и да блокира еден обид на противнички играч за тоа време поминато во игра. И за 26. индексни поени.

ПЕТОРКА НА КОЛОТО

ПРВА ПЕТОРКА

Диванте Мофит (Чаир 2030)

Тајр Корбет (Чаир 2030)

Ајрен Брукс (Н.Академија ФМП)

Стефан Мијовиќ (Пелистер)

Андреј Магдевски (Пелистер)

ВТОРА ПЕТОРКА

Тајрон Лајонс (ГКК Охрид)

Милош Врањеш (Еуро Никел 2005)

Димитар Караџовски (Кожув)

Марко Баковиќ (МЗТ Скопје Аеродром)

Самае Џонс (Феникс 2010)

*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени